Мицкоски: Очекувам во јунскиот извештај да бидеме најдобри исто како во декемврискиот, има уште време за разговори со опозицијата за Изборниот законик
Премиерот Христијан Мицкоски денеска повтори дека очекува во јунскиот извештај на ЕУ да бидеме најдобри исто како и во декемврискиот. Тој уште еднаш повика на разговори со опозицијата за Изборниот законик, за што кажа дека се уште има шанса да биде донесен и да биде исполнет и десетиот чекор од зададениот грејс период.
– Oчекувам и во овој јунски извештај да бидеме најдобри, како што бевме и во декемврискиот извештај. Мене ме радува и охрабрува информацијата којашто вчера ја пренесе еден европски медиум дека сè погласни се изјавите од страна на високи европски политичари коишто ќе овозможат топ-ап (top-up), односно додавање на сумата за три земји од Западен Балкан 6 групата, коишто се понапредни во делот на испорачување на реформската агенда. Ние веќе ги дефинираме внатре помеѓу нас приоритетите и врз основа на тие приоритети, доколку бидеме ние вклучени во тие три земји, а очекуваме да бидеме вклучени, ние тие приоритети ќе ги презентираме – рече Мицкоски, кој денеска беше на промоција на нова воена опрема во касарната „Илинден“.
Во однос на измените и дополнувањата на Изборниот законик, премиерот кажа дека текстот е целосно усогласен со препораките на ОБСЕ и ОДИХР, но, според него, имаме неодговорно однесување од опозицијата. Уште еднаш искажа подготвеност за разговори во делот на гласањето на дијаспората.
– Но, ние сме подготвени, а тоа го кажав и вчера во интервју, да седнеме, повторно да разговараме во делот на гласање на дијаспората, како да го подобриме тој процес, како да ја вклучиме повеќе дијаспората. Еве, во ред, тие одлучиле дека и покрај тоа што десетици земји во светот аплицираат електронско гласање, го имам јас и естонскиот модел комплетно разработен, еве нека не биде така, од 2029-тата година од претседателските избори па натаму, тие се исплашени бидејќи велат: „И тогаш ќе бидеме опозиција“, па мислат дека некој повторно ќе им ги украде изборите. Фројд понекогаш проработува. Тие мислат дека како што тие се однесувале, така сите се однесуваат, но еве ние сме подготвени повторно да седнеме, повторно да разговараме. Гласањето на дијаспората – да најдеме модалитет да биде во обем многу поголем, со што би заштедиле пари. Еве, нека биде со писма, преку пошта, како било, да најдеме форма како да го интензивираме гласањето на дијаспората и да го направиме достапно за дијаспората. Што се однесува до сите други нивни барања, јас кажав дека ние како најголема политичка партија ќе ги прифатиме, без да дискутираме – рече Мицкоски.
Премиерот кажа дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ги прифати барањата заокружувањето да биде само на бројката или на името, во делот на жалбите по завршување на изборот…
– Јас би сакал да бидеме 10 од 10. Имаме време до кај 15-ти јули, некоја недела имаме плус, да седнеме, еве подготвени сме уште еднаш да се обидеме да најдеме начин како да го надминеме ова коешто, преку своето неодговорно однесување, го прави опозицијата – рече Мицкоски.
