Пет пожари сè уште активни во земјава, огнот зафатил и куќа

Вкупно 12 пожари на отворен простор се регистрирани во земјава до 13 часот, од кои пет се сè уште активни, еден е ставен под контрола, а шест се целосно изгаснати, информира Центарот за управување со кризи.

Активни се пожарите во Општина Студеничани, каде огнот се шири на потегот од село Моране преку Вртекица до Рамни Габер и зафаќа мешана шума.

Пожари има и во Општина Македонски Брод, во местото Видуш, кај селата Драгов Дол и Локвица, каде гори ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки.

Активен е и пожарот во Општините Јегуновце и Сарај, кај селата Копанце и Туденце, со проширување кон Бојане, каде е зафатена мешана шума.

Во Општина Прилеп активен е пожарот кај селото Чаниште, каде гори ниска вегетација.

Најсериозна е состојбата во Општина Старо Нагоричане, каде пожарот кај селата Орах, Диманце и Руганце зафатил шумска површина, а во огнот е зафатена и една куќа.

Пожарот кај депонијата во Делчево е ставен под контрола.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press