Општина Крива Паланка ја најавува завршницата на августовската културна програма, која од 25 до 29 август ќе донесе значајни културни манифестации, меѓународни гости, традиционални содржини и голем музички настан.
Од 25 до 27 август, на Градскиот плоштад ќе се одржи XXI Меѓународен фолклорен фестивал „Свети Јоаким Осоговски“, една од најпрепознатливите културни манифестации во градот, која повеќе од две децении ја негува традицијата и гради пријателства без граници.
Годинава, велат од таму, фестивалот ќе обедини фолклорни ансамбли од десет земји: Македонија, Полска, Холандија, Црна Гора, Турција, Словачка, Хрватска, Србија, Бугарија и Украина. Во текот на трите фестивалски вечери, со почеток во 19:30 часот, публиката ќе има можност да го доживее богатството на народните носии, песни, ора, ритми и обичаи од различни култури.
Паралелно, од 25 до 27 август, на Кејот на Крива Река ќе се одржи „Шопско село“ – Фестивал на занаети, ракотворби и храна, посветен на народното творештво, традиционалните производи и домашната гастрономија. Дел од програмата ќе биде и традиционалната подготовка на гулаш, во духот на заедништвото и гостопримството.
Кулминацијата на богатата августовска програма е на 29 август, кога на Градскиот стадион во Крива Паланка ќе се одржи голем целовечерен концерт со настапи на Лепа Брена, Ацо Пејовиќ и Слаткар.
„Со програмата што ги спојува културното наследство, традицијата, гастрономијата и современата музичка сцена, Крива Паланка продолжува да создава содржини што го збогатуваат културниот живот и го промовираат градот пред домашната и регионалната јавност“.
