Мицкоски од Осоговскиот манастир: Нашите свети места нè потсетуваат на вредностите што нè обединуваат

Премиерот Христијан Мицкоски во четвртокот, на 27 август, го посети манастирот „Свети Јоаким Осоговски“ во Крива Паланка, каде што присуствуваше на Божествената литургија по повод претпразненството на Успението на Пресвета Богородица.

Литургијата ја отслужи митрополитот Кумановско-осоговски г. Григориј, во присуство на голем број верници. Со премиерот во манастирот беше и поранешниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски.

Од Кумановско-осоговската епархија соопштија дека по завршувањето на богослужбата митрополитот Григориј му се обратил на верниот народ со пригодни зборови, а присутните се причестиле со Светите Христови Тајни.

„Да го чуваме она што ни е оставено во наследство“

По литургијата Мицкоски објави фотографии од посетата и испрати порака за значењето на македонските свети места, традицијата и одговорноста кон идните поколенија.

„Нашите свети места се потсетник на вредностите што нè обединуваат – верата, достоинството, почитта кон минатото и одговорноста кон идните генерации“, порача премиерот.

Тој повика да се чува и почитува наследството што им е оставено на денешните генерации, нагласувајќи ги духовните и историските корени на Осоговскиот манастир и неговото место во македонската традиција. Пораката беше објавена и на официјалниот профил на Мицкоски.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе