Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска престојуваше во еднодневна официјална посета на Киев, Украина, на покана на украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха.
Муцунски информира дека посетата била една од организациски најсложените, со повеќе од 20 часа патување со авион, воз и автомобил, но истовремено ја оцени како една од најзначајните.
Во Киев, Муцунски разговарал за натамошно продлабочување на политичкиот дијалог и билатералната соработка, европската перспектива, како и за актуелните безбедносни предизвици.
Тој ја потврдил цврстата и континуирана поддршка на Северна Македонија за Украина и за принципите на суверенитет, територијален интегритет и меѓународното право.
„Стоиме со Украина. Украина е суверена држава. Нејзиниот територијален интегритет мора да се почитува. Границите не можат да се менуваат со сила“, порача Муцунски.
Според него, безбедноста на Украина е директно поврзана со безбедноста на Европа, а за постигнување праведен и траен мир потребно е американското лидерство да дејствува заедно со европската одговорност.
Муцунски посочи дека поддршката за Украина ќе продолжи и во иднина, додавајќи дека Македонија сака да има активна улога и во процесот на обновување и реконструкција на земјата.
