БОЖИНОВСКА НА ЈУБИЛЕЈНИОТ SOUTHEAST EUROPE ENERGY FORUM: МАКЕДОНИЈА АКТИВНО ЈА ГРАДИ НОВАТА ЕНЕРГЕТСКА КАРТА НА РЕГИОНОТ
Министерката Божиновска: Регионалната поврзаност, инвестициите и трансатлантската соработка се клучни за енергетската безбедност и конкурентност
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска учествува и се обрати на 10. Southeast Europe Energy Forum – SEEF2026, кој се одржува во Солун, Грција, во организација на Американско-грчката стопанска комора и Грчката асоцијација за енергетска економија.
Јубилејното, десетто издание на Форумот се одржува во период на длабоки промени во европскиот енергетски сектор, кога енергетската безбедност, инфраструктурната поврзаност, конкурентноста на индустријата и забрзаната зелена и дигитална трансформација стануваат клучни приоритети за Европа и Југоисточна Европа.
На Форумот учествуваат високи претставници од политичкиот и бизнис сектор, енергетски компании, финансиски институции и експерти од регионот и САД, со фокус на иднината на европската енергетика, инвестициите во инфраструктура, обновливите извори, складирањето енергија, новите технологии и можностите за продлабочување на трансатлантската енергетска соработка.
Во своето обраќање, министерката Божиновска ги претстави стратешките приоритети на Македонија во услови на забрзана трансформација на европскиот енергетски систем, со посебен фокус на енергетската безбедност, диверзификацијата на снабдувањето, регионалната инфраструктурна поврзаност и создавањето конкурентен енергетски пазар.
Во фокусот ќе бидат и конкретните инфраструктурни проекти со кои Македонија се поврзува со регионалните енергетски системи, особено изградбата на гасниот интерконектор со Грција, приклучувањето кон Вертикалниот гасен коридор, како и развојот на интерконекторот со Србија.
Со овие проекти, Македонија гради повеќе алтернативни правци за снабдување и создава услови за поголема сигурност и флексибилност на енергетскиот систем, но и за посилна интеграција во регионалниот и европскиот енергетски пазар.
