Книжевен настап на Стефан Марковски во Париз

Македонскиот писател и истражувач на литературата Стефан Марковски на 24.09 ќе настапи на книжевната вечер Paris Lit Up која се одржува од 2012-та година во историскиот бар „Култур Рапид“ во 20-от париски арондисман на улица Жилиен Лакроа.

Во овој бар, кој е дел од книжевната историја на Париз како родно место на француската слем поезија од 1980-тите, сè уште се одржува познатиот Меѓународен слем фестивал секој мај.

Македонскиот книжевник ќе прочита свои поетски творби од англиско-македонскиот избор „Ветена земја“, каде се застапени песни од четири поетски книги на Марковски, „Хипербог“, „По трагата на белиот грифон“, „Сиво сјаат вселените“ и „In Nomine“.

Книжевните вечери Paris Lit Up (PLU) се основани од авторот Џејсон Френсис Мекгимзи и Кејт Ноукс, етаблирана поетеса, членка на Велшката академија за книжевност и уредничка на поетската рубрика на истоименото списание, а водител е Крис Њуенс, британски писател и новинар.

На вечерите во минатите изданија имаат гостувано Ненси Столман, американска писателка на флеш-фантастика, музичар и основач на настаните поврзани со читање флеш-фантастика Fbomb, њујоршкиот поет и музичар Стив Далачински, добитник на наградата „Франц Кафка“, ирско/италијанско-американската поетеса Кимберли Кампанело и други. Вечерите се познати како репрезент на повеќејазичната уметничка сцена и литература која се создава во Париз.

Во рамки на својот престој, Марковски ќе оствари и посета на Универзитетот „Сорбона“.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе