На 3 октомври во Македонскиот културно-информативен центар во Тирана се одржа концертот ”Minimal horizons” ( „Минимални хоризонти“), на кој беше претставена авторска музика за пијано и електронска трака на композиторката Ана Пандевска, во изведба на пијанистката Дуња Иванова.
Спојот на пијаното со електронскиот звук ѝ понуди на публиката несекојдневно музичко доживување и можност да се запознае со современото македонско музичко творештво. Изведбата, која бара прецизна усогласеност на живиот настап со електронската трака, беше проследена со големо внимание и воодушевени аплаузи.
Интересот за музиката и за творечкиот процес продолжи и по завршувањето на концертот. Многубројните гости останаа да разговараат со Пандевска и Иванова, споделувајќи ги своите впечатоци и поставувајќи прашања за претставениот проект.
Со овој настан, Македонскиот културно-информативен центар во Тирана ја продолжува својата програма за промоција на македонските уметници и современото македонско творештво пред публиката во Албанија.
