Францускиот претседател Емануел Макрон ги обвини странските лидери дека ги користат неодамнешните немири во Франција за сопствени политички и изборни цели, објави Би-Би-Си.
Без да ги именува, Макрон рече дека станува збор за лидери кои „се во изборен режим“ и кои со своите изјави водат кампања „на сметка на Франција“.
Изјавата ја даде за време на посетата на Блискиот Исток, каде што посочи дека врз странски политичари имале влијание лажни видеа генерирани со вештачка интелигенција, поврзани со насилните протести во Франција.
Изјавите на Макрон најверојатно се однесуваат на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху како и на американскиот претседател Доналд Трамп.
Во немирите, кои се проширија низ Париз и други француски градови, меѓу кои Лион, Марсеј и Ница, беа уништувани објекти, ограбувани продавници и дојде до жестоки судири меѓу полицијата и демонстрантите. Според француските власти, речиси 150 лица се затворени, а повеќе од 800 биле изведени пред суд.
Француската влада призна дека полицијата „ја изгубила контролата“ за време на насилствата. Зборувајќи во Доха, Макрон нагласи дека нема докази за директно странско мешање во самите немири.
„Според мене, нема видливо странско мешање во настаните што се случија. Од друга страна, имаше странска манипулација со информации потоа, а тоа доведе до неприфатливи и глупави коментари од многу луѓе, вклучително и странски лидери“, рече Макрон.
Тој ги отфрли тврдењата дека Франција била „нападната“ од мигранти и исламисти.
„Имавме луѓе кои тврдеа дека сме биле нападнати од орди мигранти и исламисти, што е целосно невистинито“, рече францускиот претседател.
Израелскиот премиер Нетанјаху во вторникот, во интервју за израелскиот канал i24, изјави дека Франција, која има најголемо муслиманско малцинство во Западна Европа, била погодена од „инвазија на екстремистички ислам“.
Нетанјаху рече дека по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година го предупредил Макрон: „Ако не ги елиминираме овде, ќе ги имате во Париз“.
„Токму тоа се случува“, додаде тој.
И американскиот претседател Доналд Трамп ги поврза немирите со масовната миграција во Франција.
„Кога гледам во Франција, кога гледате во Италија, во сите немири и омраза, тоа не е заради училиштата. Тоа е поради луѓето кои доаѓаат во земјите и ја мразат земјата“, изјави Трамп.
