Закани за бомба добиле 34 летови во Европа за само една недела

Лажни закани за поставени бомби оваа недела попречија најмалку 34 летови низ Европа, при што некои авиони беа принудени да извршат итни слетувања. Се зголемуваат прашањата за тоа дали станува збор за координиран обид да се предизвика хаос за патниците. Во четвртокот, најмалку 25 закани за бомби влијаеја врз летови поврзани со Италија, Ирска, Обединетото Кралство, Шпанија, Бугарија, Романија, Полска, Финска, Австрија, Данска, Белгија, Португалија, Франција, Грција, Србија и Чешка. Заканите се однесуваа на летови на авиокомпаниите Рајанер, Ер Лингус, Визер, Финер, Изиџет, Ејџиан Ерланјс, Ибериа, Скај Експрес, Ер Србија и ЛОТ Полиш Ерлајнс. Сите авиони слетаа безбедно, а при прегледите не беше пронајдено ништо сомнително.

Во Обединетото Кралство, закани во текот на ноќта добија лондонскиот аеродром „Хитроу“ и аеродромот во Бирмингем. Сепак, со помош на специјализирани истражители од полициската единица за авијација при Метрополитен полицијата, беше утврдено дека станува збор за лажни закани.

Од Метрополитен полицијата соопштија дека биле упатени закани кон четири авиони кои полетувале од „Хитроу“ или слетувале на него. Портпарол на полицијата додаде дека, по извршената проценка, не се утврдени никакви безбедносни проблеми. Овој бран лажни закани следеше по слични инциденти во вторникот, кога седум авиони низ Европа беа претресени или пренасочени поради злонамерни дојави. Во понеделникот, еден лет од Обединетото Кралство кон Бугарија беше пренасочен по закана за која се покажа дека е неоснована.

Истражителите во четвртокот изјавија дека сè уште нема докази оти овие лажни закани се оркестрирани од непријателска терористичка група или државен актер, како што се Русија или Иран, иако истрагите за инцидентите низ Европа продолжуваат.
Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (IATA) ги осуди овие попречувања и ги повика надлежните органи да го откријат изворот на заканите. „Безбедноста е приоритет број еден за индустријата и ние сериозно ги сфаќаме сите закани“, изјави Ник Карин, виш потпретседател на IATA за операции, безбедност и заштита.
Европскиот комесар за транспорт, Апостолос Ѕиѕикостас, изјави дека е прерано да се каже дали инцидентите се поврзани, но нагласи дека секакви закани насочени кон цивили се неприфатливи. Според извори од „Аеропорти ди Рома“ компанијата што управува со двата аеродроми во Рим – како и според текст до кој дојде агенцијата „Франс прес“ , заканите за поставени бомби, испратени преку е-пошта до аеродромите во Рим и Софија, биле потпишани од „борци на Машката држава“.

„Машката држава“ е руско крајно десничарско, ултранационалистичко и мизогино движење, основано во 2016 година од Владислав Поздњаков. На својот канал на „Телеграм“, Поздњаков – инаку истакнат поддржувач на војната во Украина – не ги коментираше заканите, ниту пак презеде одговорност за нив.

Во пораките, наводно, стоело: „Ние, борците на ’Машката држава‘, денес со нашите постапки ќе испишеме историја. Вашиот феминистички режим ќе го памети ова засекогаш. Експлозијата ќе се случи за 60 минути. Денес, вашето небо ќе стане црвено“.

Портпарол на аеродромот во Корк потврди за весникот „Гардијан“ дека во четвртокот наутро, преку телефон, била добиена анонимна закана, што довело до одложување на еден лет. Се претпоставува дека станувало збор за лет на компанијата „Рајанер“ од лондонскиот аеродром „Станстед“.

Друг лет на „Рајанер“, од Пескара (Италија) кон Брисел-Шарлроа, бил подложен на проверка откако на ѕидовите од тоалетот во авионот бил пронајден испишан зборот бомба.

Според податоци од Европската организација за безбедност на воздушната пловидба „Еуроконтрол“, овие инциденти предизвикале дополнителни пореметувања во одвивањето на летовите, но сепак станувало збор за занемарлив дел од вкупно 27.400 летови, колку што биле планирани во Европа во четвртокот.

Според извештаи на француските медиуми, пилотот на авион на „Ер Лингус“, кој летал од Даблин кон Рим, а потоа бил пренасочен кон Евре (Франција), бил испрашуван од француските власти бидејќи првично одбил да слета во воена база.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе