Србија денеска на конститутивната седница ќе ги одбере претседателот и потпретседателите на Парламентот
Денес се одржува конститутивната седница на новиот Српски парламент, на која треба да се потврдат мандатите на пратениците, да се изберат претседателот и потпретседателите на парламентот и да се назначи генералниот секретар. По правило, на првата седница се избираат и членови на работните тела и постојаните парламентарни делегации во меѓународните институции.
Првата седница, до изборот на претседател на Парламентот, ја води најстариот пратеник, а во работата му помагаат по еден од најмладите пратеници од четирите изборни листи кои добиле најголем број пратенички мандати и генералниот секретар на Народното собрание.
Народното собрание се конституира со потврдување на мандатот на две третини од народните пратеници, а п потврдувањето на мандатот, пратениците полагаат заклетва.
Претседателот на Парламентот се избира од редот на пратениците по предлог на најмалку 30 пратеници. Претставникот на предлагачот има право да го образложи предлогот, а по предлогот на кандидатот за претседател се отвора расправа. По расправата, претседателот ја утврдува листата на кандидати за претседател на Народното собрание, по азбучен ред на презимињата. Претседателот може да се избере со тајно или јавно гласање, а во сегашната парламентарна пракса, тој се избирал со јавно изјаснување на пратениците.
Бројот на потпретседатели се утврдува со посебна одлука, а за номинациите важат истите правила како и за изборот на претседател на парламентот. Генералниот секретар на Собранието го назначува Собранието на предлог на претседателот на Парламентот. По конституирањето на Собранието, тече рок од 90 дена за формирање на Владата на Србија.
На вонредните парламентарни избори на 25 октомври, Студентската листа освои 140 мандати, од можни 250, листата на Единствена Србија, собрана околу Српската напредна партија, 103, Сојузот на војводинските Унгарци и Албанската коалиција освоија по два мандата, а листата „Расим Љајиќ – Људски“, СДА Санџак и „Усаме Зукорлиќ – Движење за обединување“ освоија по еден мандат.
Кандидатите од „Студентската листа“ на Србија, составено од луѓе надвор од досегашните политички кругови, кои на изборите минатиот месец остварија спектакуларна победа над партијата на популистичкиот лидер Александар Вучиќ ќе положат заклетва како пратеници, со што започнува процесот на формирање влада.
Сто и четириесетте кандидати меѓу кои има универзитетски професори, правници, научници, па дури и по некој актер ќе стават крај на 14-годишното владеење на Вучиќ и неговата Српска напредна странка (СНС).
Техничка влада, предводена од премиерот во заминување Ѓуро Мацут, ќе остане на функцијата сè додека пратениците не го одобрат составот на кабинетот предложен од „Студентската листа“. Засега, составот на владата вклучително и тоа кој ќе биде идниот премиер останува непознат.
Сара Ел Сараг, адвокатка за човекови права и новоизбрана пратеничка, изјави дека поширокото студентско движење, заедно со самите кандидати, продолжува активно да учествува во процесот на избор на кабинетот. „Ние сме таму благодарение на нив“, рече таа, мислејќи на студентите. „Сè што правиме, правиме заедно.“
