Два главни моста во украинскиот главен град биле погодени во руски напад со балистички ракети, изјави градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко. Ракетите ги погодија Северниот и Јужниот мост во Киев, кои се протегаат преку реката Днепар, рече Кличко, додавајќи дека е прекинато снабдувањето со вода и електрична енергија. Во меѓувреме, Украина го нападна мостот Керч значаен објект што ја поврзува Русија со окупираниот Крим при што загинаа две лица, изјави гувернерот на регионот, поставен од Москва.
Претседателот Володимир Зеленски претходно предупреди дека Москва би можела да изврши нови напади врз земјата во понеделникот навечер, откако украински, американски и европски претставници одржаа разговори насочени кон ставање крај на долгогодишниот конфликт. Овие разговори, кои се одржаа онлајн и на кои присуствуваа американскиот претставник Џаред Кушнер и специјалниот пратеник на САД, Стив Виткоф, уследија откако Русија соопшти дека забележала најголем напад со украински беспилотни летала од почетокот на војната.
Силни експлозии одекнаа во Киев ноќеска нешто пред полноќ, а Кличко набргу потоа изјави дека градот претрпел оштетувања на системите на критичната инфраструктура.
„Во некои делови има прекини во снабдувањето со вода и греење“, додаде тој.
Во нападите што се случија во текот на ноќта, оштетени се и делови од киевското метро кои се наоѓаат над земјата, соопштија официјални лица, откако на цивилите им беше наложено да се засолнат во објектите за цивилна заштита.
За време на воздушни напади, жителите на Киев обично се засолнуваат во подземните станици на метрото.
Преку реката Днепар се протегаат осум главни моста кои ги поврзуваат западниот и источниот дел на Киев. Се проценува дека три милиони жители ги користат овие мостови за движење низ градот.
Неколку главни моста во главниот град беа цел и на руски напади со беспилотни летала во октомври.
На друго место, според локалните власти, три лица се повредени во руски ракетен напад во регионот Черкаси.
Одделно, украинската војска втор ден по ред го нападна мостот Керч, кој ја поврзува Русија со окупираниот Крим, изјави на Телеграм гувернерот на регионот, поставен од Москва, Сергеј Аксјонов.
Сообраќајот преку мостот е запрен, додаде тој. Овој значаен мост, кој беше цел на повеќекратни напади од страна на украинските сили, беше изграден од Русија откако таа го окупираше и анектираше полуостровот во 2014 година.
Рускиот претседател Владимир Путин свечено го пушти мостот во употреба во 2018 година, проследено со голема помпа. Степенот на оштетување од последниот напад врз Керчкиот мост сè уште не е јасен, иако тој е заштитен со повеќеслојни системи за воздушна и поморска одбрана.
Според официјални лица, руската војска во текот на 24 часа пресретнала и уништила 2.049 беспилотни летала и четири ракети со долг дострел од типот „Фламинго“. Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, изјави дека само кон главниот град се упатиле околу 600 летала.
Оваа најнова размена на напади уследи откако претставници од САД, Украина и Европа одржаа разговори за начините како да се овозможи директен ангажман меѓу Русија и Европа, со цел ставање крај на војната.
По состанокот одржан во понеделникот, американскиот претставник Џаред Кушнер зет на претседателот Трамп изјави дека САД се посветени на обезбедување цврсти и веродостојни безбедносни гаранции за Украина, како и на отворање пат кон нејзино членство во ЕУ. Тој додаде дека НАТО ќе остане клучен столб на европската безбедност и дека се прават подготовки за уште еден мултилатерален состанок во блиска иднина.
Во своето обраќање во понеделникот вечерта, Зеленски изјави дека состанокот бил тежок, додавајќи дека е потребно да се направи повеќе за поддршка на одбраната на Украина од руските напади со балистички ракети. Зеленски истакна дека Европа, по првпат, била претставена преку целосна делегација која ќе учествува во преговорите со Москва вклучувајќи ги Обединетото Кралство, Франција, Германија, Италија, Полска, ЕУ и НАТО. Украинскиот претседател долго време инсистира европските претставници да бидат вклучени во сите мировни преговори; според него, тоа е неопходно со оглед на долгорочната амбиција на Киев да стане членка на Европската унија.
