Кочани и Кунгелв, Шведска започнуваат соработка
Кочани, 14.12.2017
Кочанскиот градоначалник Николчо Илијев ја заврши дводневната работна посета на Шведска. Тој оствари средба со градоначалникот на Општина Кунгелв, Мигуел Однер, на која се разговараше за воспоставување соработка помеѓу двете општини со можност за инвестиции во бањскиот и во планинскиот туризам во Кочани. На средбата присуствуваа и членови на Советот на Кунгелв, кои се интересираа за состојбите во Република Македонија и во Кочани, а со кои се отворија разговори и за различни можности за поддршка во повеќе области.
Кочани ќе го следи шведскиот пример во изградба на градинка по највисоки светски стандарди.
Градоначалникот Илијев ја посети и новоизградената градинка во Кунгелв и се запозна со највисоките стандарди на изградба и функционирање на установата. Станува збор за објект чиј целокупен проект ќе биде понуден како пример во Кочани.
При посетата на Гетеборг, Илијев оствари средби и со секретарот и потпретседателот на Македонскиот сојуз во Шведска, Ивица Челиковиќ и Илија Марковски, со претседателот на Друштвото за шведско-македонско пријателство, Петер Першон како и со претседателот на Македонското друштво „Гоце Делчев“, Гоце Џуков. Со нив се дефинирани повеќе форми на соработка и можности за реализирање на донации.