Штип, 13.08.2018
На Бирото за вработување Штип има регистрирано над 2.000 невработени лица, а на бројните огласи за работа не се јавува никој! Парадокс каков што одамна не е виден во Градот под Исарот.
На локалните медиуми постојано се вртат огласи во кои бројни фабрики бараат работници, но нив ги нема. Не дека нема работници само за во текстилната и чевларската индустрија, нив ги нема ниту за други потреби. Нема градежни работници, келнери, готвачи, бравари, заварувачи, возачи….На сите индустриски гранки им фали млада, квалификувана но и неквалификувана работна сила.
Сепак, најдраматична со недостиг од работна сила е текстилната и чевчарската индустрија.
„Пред осум години имавме 1.200, пред четири години 1.000, а денес бројот на вработени е заокружен на 850 лица. На нашите огласи нема заинтересирани. Ние се трудиме барањата во однос на платите да ги исполниме, но сите млади луѓе понесени од приказните за убавиот живот бараат начин да заминат во Европа. Наша најголема нелојална конкуренција се слободните индустриски зони во кои фабриките добија големи бенефиции од државата и можат да дават поголеми плати, што ние и текстилците како индустрии кои работиме лон работа не го можеме“, вели Наум Барзов, директор на фабриката за чевли „Баргала“ и претседател на Регионалната стопанска комора.
„Баргала“, фабрика за чевли, за осум години останала со 350 работници помалку, конфекциите веднаш можат да примат 1.000 работници, па што е со овие 2.000 невработени, од што тие живеат?
Ване Богдов, сопственик на конфекцијата „Ва Бо“ вели дека оваа состојба наскоро ќе продуцира и затворање на дел од помалите конфекции.
„Просечната плата во нашата индустрија денес е над 16.000 денари, се исплатуваат редовно, фабриките работат во само една смена, халите се климатизирани, празниците се почитуваат, работниците имаат бесплатен превоз, и тоа е тоа што го може нашата трудоинтензивна гранка. Просечната плата во конфекциите од 12.000 се зголеми на над 16.000 денари, темата за недостиг од работници е излишна,за тоа предупредуваме подолго време“, вели Богдов.
И за Владо Нетков од конфекцијата „Модена“ ова е проблем на кој од текстилниот кластер укажувале десет години.
„Во градот имаме 2.000 невработени, на работоспособните нека им се понуди работа таму каде што ја има, па ако не им е до работа нека бидат избришани од евиденција и да се знае дека Штип нема невработени. Џабе ни се субвенции и помош од државата, нам ни требаат работници, но погледите на сите млади се свртени кон Европа. Државата мора да разбере дека со ова и таа губи, зашто со помало производство и приходите на фирмите се помали, а со тоа и на државата. На Бирото најголем број невработени се неквалификувани, со завршено основно образование, ние сме спремни да ги остручиме, но никој од нив не бара работа. Не е јасно од што живеат тие луѓе“, се пршува Нетков.
Економскиот аналитичар Стојче Самарџиев е со следниот став по однос на ова суптилно прашање кое сериозно задира во нашата иднина:
„Луѓето кои се невработени не живеат од воздух. Тие или имаат приходи од работа на црно, или имаат некои од своите семејства кои работат во странство па од нив добиваат материјална помош. Треба да се направи посериозна анализа, на лицата кои немаат здравствени пречки за работа да им се понуди работа таму каде што ја има, па ако одбијат, да бидат избришани од евиденцијата на невработени и на тој начин да им се ускратат социјалните бенефиции. Тогаш ќе се види нивната реакција и можеби тоа ќе смени нешто на подобро“, вели Самарџиев.