Скопје, 05.11.2020
ВМРО-ДПМНЕ бара предвремените локални избори во Штип и Пласница да бидат одложени поради тоа што немало нормални услови за нивно одржување поради големиот број новозаразени од Ковид-19. Тие бараат во наредните три дена власта да ги одложи изборите поради корона-кризата, но не прецизираат дали доколку тоа не биде направено ВМРО-ДПМНЕ би имала свој кандидати за градоначалници.
„Изразуваме длабока загриженост за развојот на здравствената и економската врзана со ковид заразата. Евидентно е дека Владата, Зоран Заев и министерот Филипче немаат контрола над работите и исклучително лошо менаџираат со целокупната состојба. Воедно за ова говори и фактот што за два дена имаме над 40 мртви и речиси две и пол илјади новозаразени со Ковид-19. Сето ова укажува на тоа дека нема услови за одржување на локални избори во Штип и Пласница и дека тие треба да се одложат се до обезбедување на пристојни и нормални услови за функционирање и фер изборна кампања, што беше и едногласен став на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Дафина Стојановска вечерва по завршување на седницата на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Стојановска рече, дека дополнително на ова, тие како најголема опозициска партија не биле прашани за датумот за одржување на изборите. Не прецизираше, дали доколку власта одлучи изборите да се одржат ВМРО-ДПМНЕ би имал свои кандидати за градоначалници.
Изборите за градоначалници на општините Штип и Пласница се организираат откако претходните градоначалници стапија на други функции. Градоначалникот на Штип Благој Бочварски сега е министер за транспорт и врски, а на Пласница е пратеник.
СДСМ вчера објави дека кардиологот и актуелен партеник Сашко Николов е кандидат на партијата за претсојните предвремени избори за градоначалник на Штип. (МИА)