Делчево, 12.01.2021
Првороденото новороденче во 2021 г. во Општина Делчево, малата Мила Стоименовска, денеска доби 10.000 денари од Општина Делчево. Мила е родена на 4 јануари на скопските клиники, тешка е 3.930 гр и е прво дете во семејството на Даниел и Сандра Стоименовски кои живеат во с. Ѕвегор.
Традиционално и оваа година градоначалникот Горан Трајковски го предаде подарокот на родителите.
-Секоја нова рожба носи радост, надеж и иднина, а Делчево се радува на секое новороденче, бидејќи добива нов жител. Првороденото во годината е предвесник на новата генерација дечиња кои се нашата иднина. По традиција го посетуваме домот на првороденото бебе во годината. Оваа година, поради актуелната состојба, ќе ги предадеме подароците на родителите, но ќе испратиме желби, малата Мила да има среќно и безгрижно детство и да донесе многу радост и гордост на семејството, но и на општината.Ја користам оваа прилика да им ја честитам радоста на родителите на кои малата Мила им е прво дете во семејството и да има посакам многу љубов и дечиња да им го развеселуваат домот, истакна Трајковски.
Општина Делчево дарува 10.000 денари на првороденото новороденче во годината чии родители живеат во Делчево, а согласно со информацијата од матичните гинеколози од Здравствениот дом и Службата за превенција и имунизација. Исто така, како една од социјалните мерки која значи поддршка на родителите кои добиле новороденче, Општина Делчево на сите новороденчиња во Општината исплаќа по 3 илјади денари еднократна парична помош. Минатата година по оваа основа се исплатени 266.000 денари за 82 новороденчиња во Општината.
(д.т.)