Кочани, 05.02.2021
Дали Пониква, единствениот зимски туристички центар во Источниот регион ја фати насоката за добивање на својата вистинска физиономија и дали овој центар станува се попривлечен за љубителите на зимските авантури, пред се од нашата држава?
На оваа тема денес Николчо Илијев, градоначалник на Кочани, имаше повеќечасовна средба со новинарите од Кочани и од Штип. Средбата се одржа во инфо центарот на Пониква каде Илијев даде поширока елаборација за се што во пoследните години е направено на и за оваа туристичка посебност, а одговараше и на бројни новинарски прашања.
-Туризмот насекаде низ светот е во силен подем како стопанска гранка, а ние правиме се што е во наша моќ Пониква да стане туристички центар кој со својата убавина, со понудата, со условите, со убавините на Осогово магнетно ќе привлече што поголем број гости. Во таа смисла, со финансиска поддршка од Владата го реконструиравме патот Кочани-Пониква како и месноста позната како Аеродромот за парикрање на што поголем број возила. Извршивме реконструкција на ски лифтовите кои исто така се изградени пред четири децении. Зимава ски лифотвите одлично и без прекин функционираат, а безбедноста на љубителите на скијањето и санкањето е на високо ниво, рече Илијев.
Според кочанскиот градоначалник, со поддршка на Фармахем започнала обновата на ловниот резерват со елени кои денес ги има 15 на број. –„Го враќаме сјајот на ловиштето зашто тоа е нашиот бисер, и тоа сакаат да го видат и бројни туристи“, посочи Илијев.
Илијев извести дека годинава се очекува почеток на изградба на браната Арамиска Чешма од која туристичката населба и сите туристички капацитети во неа ќе добиваат вода за секаква употреба. Браната ќе биде од насипен тип, а нејзината акумулативна моќ е планирана на ниво од 52.000 метри кубни вода.-„Тоа е количина сосема доволна за потребите на туристичкиот центар не само за неговите сегашни капацитети туки и за идните најмалку 30 години“, појасни Илијев. Овој проект ќе чини 1,5 милион евра, Општина Кочани ќе вложи пари од својот буџет но истовремено аплицираше и на неколку повици за добивање финанасиска поддршка од разни фондови“, појаснува градоначалникот.
Со огед на фактот дека езерото е проектирано на надморска височина од 1.550 метри, преку зимо тоа може да се намени и во простор за скијање на лед.
-Во рамките на проектот „Планински велосипедски рај“ на Пониква ќе градиме дом со 28 легла, ќе има велосипедски патеки низ шумите на Осоговијата се до браната Гратче. Планинскиот велосипедизам е тренд во светот и сигурно е дека ќе привлечеме многу туристи преку сите 365 дена во годината“, вели Илијев.
Првиот граѓанин на Кочани се надева дека со прогласувањето на дел од Осоговските планини за заштитено подрачје интерес за неговиот развој ќе пројават многу европски фондови кои вложуваат големи пари во ваков вид туризам.
-Постои интерес за изградба на хотели и викендици, за угостителски објекти, но поради лошата патна врска тој интерес не беше ефектуиран, сега одново се јавуваат инвеститори и ние позитивно ќе одговориме согласно урбанистичкиот план на Пониква. Дека со реконструкцијата на патото Кочани-Пониква интересот да се поминат неколку дена на нашиот туристички центар расте, говори и податокот дека минатиот викенд тука имаше помеѓу 4.000 и 5.000 посетители, а во „обични“ денови тој број разбирливо е помал, информира Николчо Илијев.
На Пониква посебно атрактивно е ноќното скијање кое е дозволено до 21 часот. Патеките за скијање и за санкање се одвоени, цената на дневна карта за санкање е 200 а за скијање 300 денари.