Штип, 09.02.2017
Штипјани, кои со зголемени комунални давачки ја полнат касата на ЈП „Исар“ имаат право да знаат каде одат нивните пари…
И Штип се стави во мода. Стана предмет на СЈО од каде беше лиферувана информацијата дека финансиското богатство на ВМРО ДПМНЕ било богато здебелено и од штипско јавно претпријатие.
Иако од СЈО точно не го лоцираат името на јавното претпријатие-кое од народните пари издвоило прилично висока сума за партијата, во градот подолго време се зборува за такво нешто и се споменува неговото име.
Имено, речиси цела една година, во кулоарите главно, штипјани говорат за тоа дека ЈП „Исар“ е донаторот. Ова јавно претпријатие, кое стана главната база за вдомување на вмровски членови, со амин на дирекорот Ангел Бојаџиев, а по изричита наредба од негов надреден, донирало 100.000 евра во партиската каса на најбогатиот политички субјект во Европа, односно на ВМРО ДПМНЕ.
Неколку дена се обидувавме телефонски да го контактираме директорот Бојаџиев за да го добиеме неговото мислење во однос на оваа информација, но тој не се јавуваше на неговиот мобилен. Денес Исток прес, преку препорачана пратка, му испрати писмено барање за одговор, а согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Иако законот предвидува одговор да се добие најдоцна за 30 дена, ние одговор на вака суптилно прашање очекуваме во еден многу покус рок.
Штипјани, кои со зголемени комунални давачки ја полнат касата на ЈП „Исар“ имаат право да знаат каде одат нивните пари. Поради тоа писмен одговор на прашањето дали сто илјадарки во евричи од сметката на „Исар“ завршиле на сметката на ВМРО ДПМНЕ денес побаравме и од Управниот одбор на претпријатието.
Без оглед што во овој орган од првиот до последниот член се од партијата која, според СЈО, ги добила парите, Исток прес очекува, во законски временски рок, да ги добие бараната информација.
Се надеваме дека тоа на Бојаџиев и на Управниот одбор нема да им биде тешко бидејќи тие на секој нивен јавен настап се колнат дека работат во интерес на народот, а не на нивната партија.