Скопје, 10.03.2021
Лекарската комора е здружение кое има за цел заштита и унапредување на стручноста и етичките должности и права, подобрување на квалитетот на здравствената заштита и заштитата на интересите на лекарската професија. Поради настаната конфузија околу надлежностите на Лекарската комора би сакале да го истакнеме следното:
Стручниот надзор согласно Законот за здравствена заштита го прави посебна Комисија која ја формира Лекарската комора и таа дејствува независно и самостојно, а нејзини членови се лиценцирани лекари, стручњаци од соодветни области во медицината, вработени во здравствени установи.
Согласно Законот за здравствена заштита, Комисијата прави проверка на стручната работа на докторот на медицина со разгледување на медицинска евиденција и спроведување на интервјуа со лицата инволвирани во случајот, проверка на валидноста на лиценци и сертификати од обука за дијагностички и терапевтски постапки извршени од страна на докторот на медицина во вршењето на неговата дејност. Комисијата ја констатира моменталната состојба врз основа на достапната медицинска документација. Комисијата нема надлежност да врши вештачење и реконструкција на настанот, тоа е во надлежност на други институции. Таа, при стручниот надзор утврдува дали се испочитувани правилата што претставуваат медицински стандард што мора да ги следи секој лекар за време на интервенцијата и како е реагирано во конкретен случај, при тоа земајќи предвид дека секој пациент има своја специфика.
Извештајот кој го подготвува Комисијата согласно Законот исклучиво се доставува до министерот за здравство во чија надлежност е носење решение.
Законот за здравствена заштита исто така дозволува министерот за здравство за формира комисија за вршење на стручен надзор на работата на здравствените установи и здравствените работници и соработници.
Согласно горенаведеното би сакале да истакнеме дека ги поддржуваме надлежните институции во објективно и стручното постапување, согласно позитивните правни прописи и надлежности.
Лекарска комора на Република Северна Македонија