ШТИП: Дел од општините молчат, дел се свесни за огромните загуби што се прават во системите за водоснабдување
13.03. 2021
Општините со најголеми загуби на вода за пиење во водоводните системи во Северна Македонија не се премногу расположени да зборуваат за огромниот проблем што го имаат во нивната инфраструктурна мрежа. Од седумте општини за кои Државниот завод за ревизија објави дека во 2019 година имале најголем процент на загуби на питка вода, „Мета.мк“ во два наврати во изминативе 12 дена испрати прашања до четири од нив, од кои само две доставија одговори во однос на активностите што ги преземаат за да ги намалат загубите на вода за пиење во нивните општини.
Ревизорите утврдија дека јавните претпријатија во следниве општини бележат најголем процент на загуби на вода: Дебар – 84 отсто, Долнени – 82 отсто, Гостивар – 81 отсто, Кичево – 77 отсто, Охрид – 72 отсто, Крушево – 71 отсто и Кочани – 70 отсто“, се наведува во Конечниот извештај за извршена ревизија на следење на препораките во Конечниот извештај на овластениот државен ревизор на тема „Ефективност на политиките, мерките и активностите при доделувањето на водното право“.
Како рекордер во земјава, ја контактиравме Општина Дебар за нивен коментар во однос на процентот на неприходувана вода за пиење што ја има дебарскиот водоводен систем. Одговор на прашањето не добивме, а ниту пак податоци во врска со тоа кои мерки ги презема Општина Дебар и нејзиното јавно претпријатие за да го намалат процентот на неприходувана вода од 84 отсто.
Од Општина Гостивар ни одговорија дека заклучокот на ревизорите не е заснован на факти кои постојат на терен, бидејќи во тек била реализацијата на неколку проекти кои се исклучиво наменети за намалување на загубите за вода за пиење во гостиварскиот водоводен систем.
Проектите во Гостивар опфаќаат изградба на два резервоара, околу 20 километри нови и реконструкција на старите водоводни линии, мерни шахти и шахти за регулација на притисокот, како и изградба на втората фаза од пречистителната станица за вода за пиење. Со овие зафати се воспоставува врска меѓу новиот проект финансиран од швајцарската влада и КфВ банка и претходниот потпомогнат од владата на Швајцарија од 7 милиони евра.
Во Источниот плански регион најголема загуба на водата за пиење има Кочани – 70 проценти, додека Штип е во долниот дел до 58 проценти…
„Со подобрувањето на водоснабдувањето на град Гостивар и околните населени места ќе се намалат и моменталните загуби на вода, кои не се само технички туку и книговодствени грешки“, велат од Општина Гостивар за „Мета.мк“.
Од Општина Крушево, за „Мета.мк“ велат дека проблемот со неприходуваната вода е еден од најголемите предизвици со кој се соочува нивното комунално претпријатие и самата општина. Тие признаваат дека податокот за 71 процент на неприходувана вода во водоводниот систем е алармантен, свесни се за големината на проблемот, но и објаснуваат дека имаат конкретни активности за анализа на загубите на вода за пиење, како основа за дефинирање и преземање мерки за нејзиното намалување.
Како активности што досега ги презеле, локалните власти од Крушево велат дека во селата Норово и Алданци се поставиле нови водомери за сите потрошувачи со што реално се мери потрошената вода во домаќинствата, а во градот се извршила замена на неисправни водомери или каде што немало водомери, истите се поставени. Во 2021 година, ќе се изработат мерни шахти и ќе се постават водомери во населемите места Врбоец и Саждево, каде до сега се наплаќа паушална потрошувачка на вода за пиење.
Исто така, општинарите велат дека се реализирани неколку проекти од оваа област како доградба на цевковод во Саждево, реализација на прва фаза од проектот за водоснабдување на Јакреново, изградба на резервоар за вода во село Борино, изработка на технички документации, а владата оддели средства за подобрување на водоснабдувањето во град Крушево.
„Општината заедно со комуналното претпријатие пристапуваат проактивно кон изработка на техничка документација за фазно воспоставување на автоматизиран систем на следење на протокот, притисокот и потрошувачката на вода во системот, дефинирање на загубите на вода за пиење и инвестиции поврзани со нивно намалување“, информираат од Општина Крушево.
Во оваа општина во фаза на имплементација е проект за реконструкција на голем дел од водоводната мрежа во Крушево заедно со куќните приклучоци, и тоа во тие делови, каде според сознанијата на комуналното претпријатие мрежата е застарена или покажува чести дефекти. Годинава, нивното комунално претпријатие ќе ги исклучува дивите приклучоци и ќе поставува водомери за тие приклучоци во градот и населените места. Од Општина Крушево се надеваат дека сите овие активности ќе придонесат за намалување на постојниот процент на неприходувана вода.
Како општина во која загубите на вода изнесуваат 72 проценти, локалните власти од Охрид не одговорија на прашањата за тоа што преземаат за да се ублажи ваквиот проблем во охридскиот водоводен систем.
Инаку, според насоките на Меѓународната асоцијација на води, прифатлив процент на загуби на вода за пиење во водоводните системи треба да е под 30 проценти. Покрај тоа што речиси сите македонски општини се далеку над ваквиот процент, Македонија се соочува со сериозно влијание на климатските промени и проблеми во водоводните системи кои го попречуваат пристапот до вода за пиење на граѓаните. Па така, додека некои општини имаат огромни загуби на вода, постојат градови, како што се Неготино или Тетово, каде што речиси секоја година граѓаните се соочуваат со рестрикции на водата за пиење.
Процентот на неприходувана вода за пиење ги опфаќа физичките губитоци на вода, комерцијалните губитоци на вода поради нелегалната потрошувачка (диви приклучоци), неточност на водомерите, грешка при ракување со податоци и нефактурирана легална потрошувачка на вода за пиење. Во неприходувана вода влегуваат измерената и неизмерена вода за тековно санирање и испирање на резервоари, фонтани и јавни украсни чешми, полевање на јавни површини, дрвореди, булеварско зеленило и миење на улици.
„Мета.мк“ веќе пишуваше за ставот на експертите, кои нагласуваат дека инвестирањето во намалување на загубите на вода за пиење е до 40 пати поевтино од барањето на нови извори што треба да ги надоместат загубите во водоводните системи.