Зоран Заев е реизбран за претседател на владејачката партија СДСМ. Од 68.990 активни членови на социјалдемократите, на денешното гласање излегле 90 отсто. Од нив, 60.840 гласале „за“, 888 гласале „против“ и 249 биле неважечки ливчиња. Заев беше единствен кандидат на изборите, на кои приврзаниците можеа да гласаат во 80 општински изборни комисии низ државата, на 237 избирачки места. Станува збор за први директни, внатрепартиски избори во историјата на земјава.
„Целиот изборен процес е регуларно и успешно завршен. Изборниот денот помина во најдобар ред, без попречувања, согласно утврдените прописи. СДСМ денеска спроведе транспарентен, демократски внатрепартиски изборен процес согласно сите статутарните одредби и одредбите од Правилникот“, соопштија од Централната изборна комисија на СДСМ.
По соопштување на резултатите, доцна вечерва на прес-конференција се обрати и претседателот Заев.
„Ми укажавте голема чест по трет пат да ја извршувам должноста и да бидам прв меѓу еднаквите во мојот Социјалдемократски сојуз на Македонија. Гласаа денеска 61.977 членови“, изјави претседателот на СДСМ Зоран Заев.
Тој изјави дека во СДСМ е прв во промените, прва партија во реформите, модернизирањето и унапредувањето на севкупните демократски процеси. Заев најави нова политика, напоменувајќи дека следува реформа на досегашната кадровска понуда на СДСМ.
„Ќе внесеме нова енергија во нашите редови. Ќе ги отвориме вратите за сите оние кои се блиски до социјалдемократските идеи“, рече Зоран Заев.
Како одговор на новинарско прашање, Заев рече дека не е идеален човек и напомена дека во демократија има и лица кои се против. Логично е да има и луѓе кои се против него.
„Ние имаме преку 80.000 членство од кои 61.977 излегле на гласање. Тоа е 89,9 проценти и тоа е голем процент“, изјави Заев.