Јапонија донира 554.000 евра на македонските здравствени институции, со опрема вредна 101.957 евра помогнати се Општата болница во Кочани и Здравствениот дом во Свети Николе
Штип, 22.03.2021
Во февруари и март 2021 година, амбасадорот на Јапонија Савада Хиронори потпиша десет договори за грант помош во рамки на Програма за мали проекти за човекова безбедност (GGP) со цел подобрување на основните човекови потреби во Северна Македонија.Десетте проекти имаат за цел да ја поддржат Северна Македонија во справување со кризата КОВИД-19, а секоја институција ќе добие различно финансирање согласно потребите.
Помомош добија три болници во Скопје и шест во градовите во внатрешноста. Од источниот регион Јапонија ја помогна Општата болница во Кочани набавка на ултразвук и монитор за срцеви отчукувања на фетусот за гинеколошкото одделение во вредност од 47 .863 евра. Помогнат е и Здравствениот дом во Свети Николе со донација на возило за брза помош чија вредност е 54.633 евра.
„Надминувањето на КОВИД-19 е глобален предизвик и ние сме многу среќни што ги поддржуваме медицинските институции во оваа земја, кои придонесоа да се спасат многу луѓе, особено во ова многу тешко време. Се надевам дека нашата помош ќе придонесе во справувањето со КОВИД-19. Поради пандемијата, поддршката преку Програмата за мали проекти за човекова безбедност оваа година оди во медицинските институции. Ние, јапонскиот народ сме многу среќни што продолжуваме да ја поддржуваме оваа земја, бидејќи пријателите кои си помагаат се вистински пријатели.“ – рече амбасадорот Савада, изразувајќи најискрена надеж дека заедно ќе ја надминеме социјално-економската криза што ја предизвика пандемијата.
Треба да се одбележи фактот дека преку проектите од програмата за мали грантови (GGP), Јапонија има финансирано реновирање и набавка на опрема за повеќе од 70 училишта и градинки, 47 здравствени установи и обезбеди 31 специјализирано возило за управување со отпад и комунални услуги за 49 општини во сите 8 региони во државата.
Јапонија ја поддржува Северна Македонија во повеќе сектори и тоа инфраструктурен развој, подобрување на здравствена нега, образование, животна средина, култура, спречување на природни катастрофи, справување со бегалската криза. Доделена е и итна помош, во вкупен износ од повеќе од 422.3 милиони евра, како и дополнителна нефинансиска поддршка.