Партиите меѓусебно се препукуваат, Џафери ќе чека пратеник да излезе од изолација за да се одржи седница
Опозициските партии продолжуваат да ја блокираат нормалната работа на Собранието на РСМ, во услови кога двајца пратеници од владејачкото мнозинство се во изолација поради ковид-19 пандемијата. Алијансата на Албанците и Алтернатива поднесоа над 400 амандмани на одлуката за продолжување на кризната состојба во земјава, која истекува на 31 март.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери денеска изјави дека ќе почека до четврток, за пратеник од парламентарното мнозинство да излезе од изолација, како би се овозможило продолжение на 36. Седница на законодавниот дом.
Џафери додаде дека утрешната собраниска седница се одлага на неопределен рок, додека не се создадат услови за работа.
„Од денеска натаму нема да ризикувам да свикувам седница на која ќе дојдат 60 пратеници од мнозинството, а друга група пратеници ќе дојдат да условуваат за да направат кворум. Затоа начинот на свикување на седници ќе се смени согласно здравствената состојба на пратениците во следните денови“, изјави Џафери откако беше прекината денешната координација помеѓу пратеничките групи.
Покрај тоа што Алијансата на Албанците и Алтернатива имаат поднесено над 32.000 амандмани на предложените закони поради неусвоениот Предлог закон за државјанство, со амандмани работењето на Собранието го кочат и ВМРО-ДПМНЕ и Левица. Спикерот Џафери денеска рече дека координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски побарал на утрешната седница да се расправа за само три од 30 точки што се предвидени на собраниската седница.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека денеска побарале посебна собраниска седница, на која ќе се разгледаат собраниските закони поврзани со финансиските мерки од петтиот пакет поврзани со ковид пандемијата, но велат дека биле одбиени од мнозинството.
„Тие го користат овој пакет закони бидејќи знаат дека немаат кворум, нешто што е нивна обврска, туку сакаат да ја искористат опозицијата да им обезбеди кворум и на утрешната закажана седница да протуркаат штетни закони за кои треба да се дебатира бидејќи сметаме дека се штетни за граѓаните и државата“, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски.
На ова тврдење, пратеникот на СДСМ Костадин Костадинов одговори дека со месеци ВМРО-ДПМНЕ ја злоупотребува ситуацијата со пратеници заболени од ковид и со оние кои се во изолација, за да се блокира работењето на Собранието.
„Денес немаше да бидеме во ваква ситуација ако ВМРО-ДПМНЕ не се противеше и не ги блокираше измените на Деловникот за работа со што можеше да се обезбеди работа од далечина на пратениците позитивни на ковид или се во изолација“, изјави пратеникот Костадинов.
Од СДСМ велат дека опозицијата ги блокира собраниските седници, нивните пратеници не влегуваат во салата и не работат за граѓаните што ги гласале.
„До каде оди нивната деструктивност зборува и фактот што денеска од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека ќе ја блокираат и утрешната седница на која се и барањата за интерпелација поднесени токму од ВМРО-ДПМНЕ, како и Информација во врска со актуелните состојби во здравството, исто така поднесена токму од ВМРО-ДПМНЕ“, изјави Костадин Костадинов од СДСМ.
За да се надмине блокадата на парламентот, денеска се одржа координативна средба на спикерот Талат Џафери со координаторите на пратеничките групи, која беше прекината бидејќи не беше постигнат консензус.