Жарко Караџовски, претседателот на Комисијата за заштита од заразни болести на денешната прес-конференција рече дека е проблем медицинскиот персонал кој сè потешко се справува во битката со ковид-19.
– Бројот на нови пациенти се разликува во однос на ноември. Ако тогаш на Филипче му кажувавме дека до 1.000 случаи на дневна основа можеме да изменаџираме, сега не можеме. Сега се случува „бум“ во бројот на позитивни случаи. Просечниот број се движи од 1.200 – 1.300. Се насобра, се акумулира огромен број случаи. Во период од две до три недели се наполнија болниците. Не би ја оценил како катастрофална состојбата бидејќи сè уште имаме здравствени капацитети за хоспитализација. Нас ни е проблем медицинскиот персонал во моментов. Она што постојано го потенцираме, здравствените работници се функционални, но не знаеме до кога. Ќе колабира медицинскиот персонал ако не се придржуваме на мерките – кажа епидемиологот Караџовски.
Тој информираше дека на ниво на држава, за една недела имало зголемување од 26 отсто.
– Да овозможиме здравствените власти да можат да обезбедат нови капацитети во следниот период од 14 дена. Денеска почнуваме со осмата недела на епидемиолошкиот циклус на корона вирус. Пред две недели состојбата не е иста со сега. Сменет е бројот на нови случаи, на хоспитализирани и на починатите – кажа тој.
Премиерот Заев, на новинарско прашање дали некој ќе понесе одговорност за тоа што има многу смртни случаи изминативе денови, тој кажа дека не чувствува одговорност и дека нема да побара од никој одговорност.
– Кажете кој да си даде оставка, јас? Министерот Филипче? Докторите? Тоа се нашите херои, од луѓето во Министерството за здравство, до последниот здравствен работник. Подготвуваме ордени, јас ќе делам ордени за сите наши херои. Овде не гледам дека некој треба да сноси одговорност. Ако мислите дека тоа ќе ја промени состојбата, апсолутно не. Сè правиме за да го осигураме здравјето на граѓаните. Не мислам дека треба да понесам одговорност и нема да побарам некој да сноси одговорност – рече Заев.
Тој кажа дека од севкупните анализи кои ги читал во однос на пандемијата, во државата имало колективна депресија, која се одразува на индивидуално ниво.