Штип, 23.04.2021
Во вакциналниот центар при Здравниот дом „Д-р Панче Караѓозов“ во Штип денес беше преполно од постари луѓе кои чекаа да ја примат вакцината астра/зенека за заштита од Ковид 19.Организацијата беше беспрекорна, активистка на Црвениот крст ги пречекуваше пациентите и им ги бележеше податоците, а потоа нив ги превземаше тимот од две докторки и осум медицински сестри. Сите си го почитуваа редот чекајќи на својот термин за вакцинација.
-Вакцинацијата со астра/зенека ја започнавме на 31 март, а досега се вакцинирани над 550 лица. Првите денови имавме помал број заинтересирани, но денес таа слика е видно изменета зашто бројката на заинтересирани за вакцинирање со секој нов ден е се поголема. Затоа со нетрпени го чекаме отворањето на вакциналниот центар во спортската сала „Јордан МИјалков“ каде ќе имаме 25 вакцинални пунктови и целиот проецес ќе опфаќа многу повеќе пациенти отколку што тоа е денес, односно дневно ќе можат да се вакцинираат од 1.500 до 1.800 лица, специјално за istokpress.mk и за месечникот Штипски Глас изјави младата докторка Дијана Коцева Миланова.
Во вакциналниот центар до овој момент не се јавил ниту еден од вакцинираните за да се пожали на било какви здравствени тегоби.
-Ние се грижиме за вакцинираните па по некој ден од вакцинирањето им се јавуваме и ги прашуваме за здравјето. Задоволни сме што досега не сме имале ниту една пријава за несакани дејствија, што значи дека со вакцинирањето се е во најдобар ред. Не само што нашите пациенти се задоволни туку задоволството од успешноста е и наше, посочува д-р Дијана.
Инаку вакцинирањето започна за луѓе над 77 години, продолжи за луѓе над 75 години, а сега е во тек вакцинација на луѓе над 73 години.
Вакцината астра/зенека мора да се даде најмногу во рок од 6 часа откако ќе биде извадена од фрижидер, при што 10 минути се остава на собна температура пред да биде дадена на пациентот. Медицинската екипа е силно посветена на работата па досега не се случило поради временска некоординација да биде фрлена ниту една вакцина.