Пејпер Мил: Вредностите на водата која ја напушта фабриката се целосно безбедни за здравјето и за природната средина, ќе се ангажира и акредитирана лабораторија
Кочани, 28.04.2021
Во однос на известувањето на Државниот инспекторат за животна средина, а во интерес на информирање на јавноста, Пејпер Мил информира дека во рамки на пробниот период на работење на фабриката за рециклирање на хартија, постојаните испитувања од лабораторијата на фабриката покажуваат дека вредностите на водата која ја напушта фабриката се целосно безбедни за здравјето и за природната средина и се под дозволените граници согласно законите. Согласно новиот налог на Државниот инспектор за животна средина, Пејпер Мил ќе ангажира и акредитирана лабораторија да го испита квалитетот на водите.
Како што веќе информираше компанијата, во Пејпер Мил се работи на третата и последна фаза од пречистителната станица за води. Со досегашните инвестиции од околу 450.000 евра, со првите фази на прочистителната станица значително се подобрија параметрите на водата која се испушта при процесот на рециклирање и производство на хартија и тоа значително под параметрите дозволени според законите за заштита на животна средина во однос на сите параметри. Квалитетот на водата која се испушта во рамки на процесот се контролира од страна на сопствената лабораторија на Пејпер Мил на редовна основа најмалку еднаш неделно, а по потреба се прават и вонредни контроли. Добрите резултати ги потврдија и мерењата и на надворешна акредитирана лабораторија која врши мерења четири пати годишно, како и контролите на инспекциските надзори кои три пати по ред до сега покажуваат параметри значително под законски дозволените вредности.
Пејпер Мил останува отворен за соработка со сите институции за да се утврди квалитетот и обемот на евентуалните емисии од страна на надлежните институции и во овој периодот до целосно завршување на пречистителната станица останува силно посветен, со спроведување мерки и активности, сите води кои ја напуштаат фабриката да бидат целосно во согласност со сите законски граници безбедни за природната средина.
Заложбите за заштита на животната средина, Пејпер Мил ги покажува и со поставувањето на вреќестиот филтер кој според досегашните интерни мерења укажуваат на значително намалување на емисиите во воздухот и влијанието на животната средина, трикратно помали емисии од дозволените.