Кочани, 10.07.2021
На Пониква, на Осоговските Планини денеска се одржа 14. издание на етнофестивалот „На Петровден сите на планина“, чиј организатор е пејачката група „Грамостеањ“ од Скопје.
– Пандемијата ни донесе многу штета и одзеде многу животи, но ние со сите сили се бориме да го одржиме континуитетот на фестивалот. Почитувајќи ги сите протоколи за заштита, ја продолжиме традицијата на нашите предци. Годинава учесници се само домашни музички групи и фолклорни ансамбли, но средбите на падините на Осогово ни носат многу радост – истакна Ѓорѓи Николов, уметнички раководител на пејачката група „Грамостеањ“.
Етнофестивалот на Пониква се организира со финансиска поддршка од Општина Кочани.
– Сакаме оваа традиција да продолжи, бидејќи за нас е многу важна културната, економската и другата соработка меѓу сите етнички групи во регионот и пошироко. Власите се познати како трудољубив народ, се занимавале со сточарство на Пониква, овде се собирале и се дружеле, разменувале искуства и познанства, па враќањето кон корените и традицијата е значајно – рече во своето обраќање градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев.
На овогодишната средба на Власите присуствуваше и романската амбасадорка во нашата држава Адела Моника Аксинте.
Традиционалниот влашки етнофестивал е дел од општинската програма за култура и се одржува по повод верскиот празник посветен на Свети Петар, заштитникот на Кочани.