По кој пат се вози Илија Димовски?
Штип, 23.02.2017
Илија Димовски, ударна вмровско-дпмнеовска тупаница, главен на оваа партија на минатите предвремени парламнетарни избори за третата изборна единица, за време на изборната кампања го рече следново:
„Од почетокот на идната година (2017, н.з.) граѓаните на источна Македонија до Скопје ќе патуваат по новиот автопат“…
Тогаш напишав дека Димовски или не чита весници и портали, или е погрешно информиран од невалидни извори, или, што е најверојатно, свесно лаже за да добие некој глас повеќе во најиспустената со луѓе изборна единица.
Тогаш му порачав на Илија дека го лаже народот во кој се колнат тој и неговата партија. Го потсетив дека два месеци пред тој да манипулира во „случајот автопат“, како новинар кој ги истражува работите бев кај одговорните за изградбата на автопатот. А тоа е кинеската компанија „Синехидро“ која е стационирана во светиниколскиот хотел „Овче Поле“. На моето прашање кога ќе биде готов автопатот, од одговорните добив коректен одговор дека најблиско време на кое тие се надеваат е крајот на 2017 години. Со додавка дека изградбата можеби ќе се пролонгира и во текот на 2018 година.
Јасно е зошто на Илија Димовски му беше потребно да лаже. Се ближеше 11 декември, а со тоа и предвремените парламентарни избори. Иако од вемерето говореа дека во тројката ќе победат со 14 наспроти 6 пратеници на опозицијата, тој резултат не беше остварен. Во вемерето го знаеле расположението на граѓаните, дека работите се менуваат, а тоа го покажаа и изборите. Ако во 2014 година вемерето имаше 13 пратеници во тројката сега има двајца пратеници помалку, а социјалдемократите двајца повеќе.
Се вели дека пред избори најмногу се лаже. Но, дека лагата не секогаш може да биде продуктивна покажа и овој случај.
Па сега, кога патува на истокот од државата, ако воопшто веќе доаѓа на овие наши простори, еве едно прашање до Илија: по кој пат патуваш Илија од Скопје до Штип, Кочани, Берово, Пехчево, Делчево?
На одговорот чекаме. Ако ни биде даден ќе го објавиме зашто народот има право да знае.