Д-р Сашко НИКОЛОВ од предизборниот митинг на СДСМ во Штип вети град и општина каква што Штип и штипјани заслужуваат
Штип, 08.09.2021
Синоќа на градскиот плоштад „Слобода“ СДСМ го претстави кандидатот за градоначалник д-р Сашко Николов. На настанот присуствува и со свои говори на бројните присутни им се обратија потпретседателот на партијата д-р Венко Филипче, министер за здравство, пратеничката и претседателка на Форумот на жени Снежана Калеска Ванчева, министерот за транспорт и врски и екс градоначалник на Штип Благој Бочлварски и актуелниот градоначалник и кандидат за нов градоначалнички мандат д-р Сашко Николов.
Филипче, Калеска-Ванчева и Бочварски говореа за големите потенцијали кои го одликуваат д-р Николов и како доктор и како човек но и како градоначалник кој успешно го водел Штип во изминатите неколку месеци откако е на функцијата прв човек на градот и општината по изборот на Благој Бочварски за министер за транспорт и врски во владата на премиерот Зоран Заев. Сите говорници беа согласни дека Сашко Николов, и по октомвриските локални избори, ќе продолжи да ја раководи најголемата општина во Источниот регион.
-Да го немавме Сашко требаше да го измислиме, рече министерот Филипче.
Откако забележа дека во 2017 година кога штипјани му ја дадоа довербата на Благој Бочварски за градоначалник, тој затекнал празен буџет без средства ниту за исплата на платите на вработените, Николов рече:
-Беше тоа време кога мораше да се збијат редовите, да се бара решение, зашто ние во СДСМ сме познати по една работа – НИКОГАШ НЕ СЕ ПРЕДАВАМЕ!!!
КОНЗИЛИУМ На д-р Николов голема поддршка му дадоа и бројни негови колеги од Клиничка болница на чело со директорот д-р Ален Ѓеорѓијев и од Здравствениот дом на чело со директорката д-р Снежана Трајковска. Некој забележа дека цел конзилиум е на плоштадот зашто колегите на д-р Николов најдобро ги знаат неговите способности, неговата човечка големина и чесност, неговиот работен капацитет и во тоа име силно ја поддржуваат неговата кандидатура.
И работевме, градевме и создававме, изработувавме планови за натамошна градба. зашто сакавме да бидеме различни од претходниците. Да не говорат нашите сограѓани дека врз коцка сме ставале асфалт. Да не оставиме некој објект без да биде задоволена законската одредба за минење на сите неопходни фази – од изработка на идеен проект, до добивање дозвола за градба. Да не ги лажеме странците дека до Штип сме довеле квалитетна вода за пиење, а неа никаде ја нема. Дека на претпријатијата им наредуваме да работат, без да им платиме, порача Николов.
Според Николов, тој пат воопшто не бил лесен.
-Ќе се присетиме и на пандемијата од пред 2 години. Беа тоа времиња кога ретко кој од нашите противници сфатија за што станува збор. Не сфаќаат ниту денес. Беа тоа времиња кога Владата предводена од СДСМ мораше да најде начин, како да го спаси македонското стопанство, како да се зачува секое работно место? Во услови кога светската економија започна да опаѓа, кога партнерите на нашите стопанственици притиснати од новонастанатите услови со Covid 19 почнаа да им ги откажуваат нарачките, требаше да се најде некој способен, да изнајде решение. Да понуди на граѓаните мисла дека има некој кој се грижи, кој нема да ги остави на цедило, порача Сашко Николов.
Тој се осврна и на опозицијата која забележувала дека СДСМ ја задолжил државата.
-Да, така е. Само, разликата е во тоа што тоа задолжување беше направено за да го зачуваме нашето стопанство, да ги зачуваме претпријатијата во работна состојба и кога состојбите со пандемијата ќе се намалат, да има кој и како да ја заживее нашата економија. За разлика од нив, ние пари не арчевме на споменици. Ние вложувавме во нашите претпријатија, во нашите луѓе, нагласи Николов,
Тој ги наброја сите остарувања во периодот од 2017 година до денес кои, според него, се остварувања на актуелната локална власт со поддршка на државната власт со кои остварувања се подобрува квалитетот на животот на жителите во општина Штип.
-Квалитетно ги асфалтиравме најфрекветите сообраќајници во градот, асфалтиравме бројни улици и во градските и приградските населби, по 35 години изградивме нова детска градинка за 200 дечиња, изградивме бројни спортски терени за нашите деца и нашата младина, за првпат во историјата на своето постоење квалитетна вода за пиење добија населбите Чардаклија и Балкнаска, а на нов водовод се работи во населбата Македонка. Ја започнавме изградбата на браната на реката Отиња која ќе биде готова во определениот рок и со тоа го остваруваме полувековниот сон на нашите штипјани, рече кандидатот за градоначалник на Штип од редовите на СДСМ и коалицијата д-р Сашко Николов.
Д-р Николов говореше и за проектите кои стојат во неговата предизборна програма и на штипјани и сите жители во општината им вети град и општина каква што штипјани заслужуваат.