Штип, 27.09.2021
На плоштадот „Слобода“ пред претставниците на медиумите и пред целокупната штипска јавност денес се обратија д-р Сашко Николов, кандидат за градоначалник на Штип од коалицијата „Најдоброто за мојата општина“ предводена од СДСМ и д-р Александар Мишев, носител на Советничка листа.
-Во изминативе години, штипјани конечно добија подобар квалитет за живеење и одлично управување на локалната самоуправа. Штип е повторно на прав пат, во друштво на современите урбани градови. На предвремените локални избори за градоначалник на Штип во 2020 година, пред вас ветував дека краткиот период кој го имам на располагање ќе го употребам за да постигнам резултати врз основа на кои, на редовниот термин за избори за градоначалник на Штип повторно ќе ја побарам вашата поддршка.
Овој пат, за цел мандат.
И еве ме. Исправен пред вас, со чист образ ја барам вашата поддршка за нов мандат за градоначалник на нашиот убав град, зашто сум убеден дека со својата работа во изминатиот деветмесечен период ја исполнив заложбата дадена пред вас.
Дозволете да Ви ја претставам Изборната програма, резултат на согледувањата до кои дојдов, преку средби и видувања со вас, граѓаните на сите урбани и рурални населби.
Главни програмски одредници се суштински проекти со повеќедецениска важност и потреба. Ќе се фокусираме на инфраструктурни проекти во водоснабдувањето, сообраќајот, управувањето со отпад и образованието кои се од витално значење за развој на нашата општина.
Пред вас ќе ја претставиме визијата за напреден, современ и убав Штип, затоа што штипјани го заслужуваат најдоброто, рече Николов.
За д-р Александар Мишев, позицијата носител на Советничката листа покрај на коалиција предводена од СДСМ покрај тоа што е чест таа е и голема одговорност.
-Чест и задоволство ми е да бидам носител на победничката советничка листа на коалицијата „Најдоброто за мојата општина“, предводена од СДСМ, но и голема обврска и одговорност , предизвик на кој ќе одговорам со упорна, чесна и посветена работа.
Како член на Советот на Општина Штип ќе ја вложам целата моја енергија за силен развој на градот и подобар животен стандарт за сите наши сограѓани.
Како Совет ќе продолжиме да создаваме модерна инфраструктура и континуирано да ги остваруваме нашите определби за подобар животен стандард со транспарентна и очетна работа раководејки се од потребите на граѓаните.
Ја нудиме најдобрата понуда за вас, за вашето семејство, за сите нас.
На 17 октомври ви овозможуваме да го изберете најдоброто за Штип.
Вие одлучувате. Со вашиот глас избирате заедништво и развој, наспроти поделби и заробена држава, порача Мишев.