Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг денеска се состана со претставникот на Европската унија за дијалогот Косово-Србија, Мирослав Лајчак. Тема на нивниот разговор беше договорот за регистарски таблички меѓу Косово и Србија.
По средбата Столтенберг на Твитер соопшти дека во интерес на НАТО и ЕУ е да имаат заеднички долгорочни решенија во регионот. Тој во твитот нагласи дека КФОР ќе обезбеди безбедна средина и слобода на движење.
„Разговаравме со специјалниот пратеник на ЕУ, Мирослав Лајчак, во врска со договорот за деескалација на ситуацијата на северот на Косово. НАТО и КФОР продолжуваат да обезбедуваат безбедна средина и слобода на движење. НАТО и ЕУ имаат заеднички интерес за долгорочни политички решенија во регионот“ напиша Столтенберг.
Косово и Србија вчера постигнаа договор во Брисел за реципроцитет за регистарски таблички. Ова го соопшти специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Косово-Србија, Мирослав Лајчак, пренесе косовскиот медиум Газета Експрес.
Според договореното, се очекува дека утре, 2 октомври до 16 часот, косовските Срби да ги тргнат барикадите, а косовската специјална единица РОСУ да се повлече од граничните премини Јариње и Брњак. Нив ќе ги заменат војниците на КФОР.
За време на преговорите, претставниците на Косово и Србија се договорија и дека наместо издавање на привремени регистарски таблички, за возилата од двете земји обострано ќе се лепат налепници.