Штип, 02.10.2021
М-р Трајче Кацаров цели 35 години е присутен во националната литература и култура. Еден е од најплодните автори во државата. Кацаров е познат како авотр на поголем број романи, раскази, поезија, драми, колумни…Негови книги се преведувани и објавувани во повеќе земји во Европа, а негови драми се играни во театри во Македонија, Србија, Бугарија, Романија, Хрватска…
Синоќа, во изложбениот салон на Домот на култура „Ацо Шопов“ каде Кацаров работи како уметнички раководител, на посебен начин беше одбележан јубилејот на плодниот автор.
Актерот Трајче Јоваов го претстави творештвото на Кацаров со изведба на фрагмент од претставата „Чекачот“ по што присутните, со книжевниот опус, начинот на кој Кацаров ги создава своите дела, инспирацијата за неговите јунаци, времето во кое најмногу создава се запознаа преку интервјуто на отворена сцена кое го водеше новинарот Иван Бојаџиски, пријател и почитувач на делото на славеникот.
„Вкупниот опус на Шекспир изнесува 5.200 страници, а на Кацаров е за двапати поголем, забележа Бојаџиски“.
За Кацаров и неговиот севкупен творечки опус говореше и д-р Милена Ристова Михајловска преку своите сеќавања, како и д-р Јованка Денкова, од катедрата за Македонски јазик при Филолошкиот факултет при УГД – Штип, а нејзини студенти читаа песни од Кацаров.
Преубавиот настан не можеше да биде комплетен без учеството на Роберто Поп Димитров, од групата „Кентаур“ кој на гитара изведе повеќе песни меѓу кои и песната „Најмалку во сонот те очекував“ компонирана на стихови на Трајче Кацаров.
Горан Трајков, директор на Центарот за култура „Ацо Шопов“ подарувајќи му благодарница на славеникот, рече дека му е голема чест што го познава Кацаров и што му се дала прилика заедно со него да работат на промоција на културата во Штип, а преку Штип и во регионот и државата.