ПАРТИЈА НА ПЕНЗИОНЕРИ: Се враќаат претходните законски одредби и зголемувањето на пензиите ќе се врши сразмерно со порастот на просечната плата и порастот на трошоците на живот.
Скопје, 02.10.2021
ПАРТИЈА НА ПЕНЗИОНЕРИ, како автентичен претставник на пензионерите во земјата, во текот на годината го интензивираше дијалогот, во рамки на коалицијата предводена од СДСМ, за неопходноста пензиите освен со порастот на трошоците на живот и порастот на БДП, да се усогласуваат (зголемуваат) сразмерно и со порастот на просечната плата во земјата.
Пандемијата со Ковид-19, која го забави економскиот раст во земјата, предизвика стагнација на пензиите. На голем број на пензионери, особено на оние чии пензии се со износ до просечната пензија, им е нарушена основната материјална и социјална сигурност, а пензиите сé повеќе заостануваат зад платите.
Во такви услови, базирајќи се на принципите на општествена солидарност и грижа за пензионерите, а со цел да се надмине состојбата и да се одржи минимален баланс на износот на просечните пензии и плати, во рамки на коалицијата предводена од СДСМ интензивно и заедно работевме на изнаоѓање долгорочно решение, што резултираше со прифаќање на предлогот на ПАРТИЈАТА НА ПЕНЗИОНЕРИ, кој всушност е барање на најголемиот број на пензионери, во Законот за ПИО, да се вратат претходните законски одредби и зголемувањето на пензиите да се врши сразмерно со порастот на просечната плата и порастот на трошоците на живот.
На огромно задоволство на Партијата на пензионери, а сигурно и на сите пензионери, нашите заложби, кои не ја нарушат стабилноста на Пензискиот фонд, се прифатени и од Владата на Република Северна Македонија, со најава за отпочнување на нивната имплементација од 01.01.2022 година.
Покрај наведеното ПП, посветено продолжува да работи, во текот на 2022 година, да се изнајде и одржливо решение за усогласување на минималните пензии со минималните плати, што ќе овозможи дополнителна подршка на оваа најранлива група на пензионери и подобрување на нивната економско-социјалната положба со подостоинствени пензии.
Во Скопје, 02.10.2021 година ПАРТИЈА НА ПЕНЗИОНЕРИ