Димитар Узунски, делчевскиот Цепенков замина во легендите, Делчево се простува од него
Делчево, 24.11.2021
Илјадници народни умотворби од Пијанечко, изворни факти за опстојувањето на уникатното оро „Копачка“ кое под негово раководство се запиша во УНЕСКО, како заштитено нематеријално светско културно наследство, над 400 емисии од Фолклорното богатство од Пијанец за локалното Радио Делчево и десетици аудио и видеозаписи за МТВ, остави зад себе Пијанечкиот Цепенков, делчевскиот фолклорист Димитар Узунски.
Делчево синоќа го загуби Узунски. Неговиот животен пат заврши на 23. 11.2021г, но неговото дело останува запишано во аналите на фолклористиката и во делчевската традиција.
Узунски беше делчевската гордост и непресушен извор за пијанечкиот фолклор и традиција и неуморен работник кој сакаше да го остави како аманет своето дело на помладите генерации, да го овековечи животот и традицијата, да ја сочува од заборав онаа нишка која длабоко нè врзува за корените и нè определува како горди наследници на богатата фолклорна традиција.
За неговото дело и наследство може да се пишува многу, да се набројува фактографски сето она што го остави во наследство, но неговата оставштина не може да се измери и да се опише, бидејќи нема зборови со кои ќе се долови неговата заслуга, неговото значење за Делчево, за делчевци, за македонскиот фолклор и традиција. Димитар Узунски беше и ќе остане синоним на делчевкиот фолклор и традиција.
Над 50 години ја раководеше ФГ Копачка од селото Драмче и со неа има бројни настапи во земјата и странство како пејач, организатор, инструменталист и играорец. Кога го предавал архивскиот материјал за национална и светска заштита на орото „Копачка“во Министерството за култура, рекол: „Ви го давам срцето“.
Беше и надворешен соработник на Институтот за фолклор на Р. Македонија и до длабока старост се занимаваше со собирачка активност.
За МТВ имаше учествувано во повеќе емисии, а за радио Скопје снимил 40 изворни пијанечки народни песни. За програмата на РТДелчево, за 12 години подготвил над 400 емисии, за серијата емисии „Од фолкорното богатство на нашето поднебје“.
Објавил три монографии: „Разловци“; „Дедо Митко- ороводецот на Копачката“ и „Копачката, чекор по чекор до УНЕСКО- мојот живот со Копачката“.
Се стекнал со повеќе признанија и награди: „Особено истакнат педагошки работник“-1980; Гран при од ФИИП „Пеце Атанасовски“ 2011; Плакета за животно дело од Општина Делчево, по повод „100-год град Делчево“; Државна награда за народен уметник, 23-Октомври во 2014 год; „Најдобар културен работник на Источна Македонија“.
Општина Делчево и градоначалникот Горан Трајковски, изразуваат длабоко и искрено сочувство на семејството Узунски за загубата на нивниот родител. Узунски на Делчево и делчевци му го остави своето срце и непроценливо богатство од фолклор и традиција. Со смртта на Узунски, Делчево изгуби дел од својата душа, но Делчево нема да заборави, бидејќи легендите никогаш не умираат, тие живеат во своите дела. Неговото богато творештво, фотографии, изворни податоци и материјални докази за неговиот живот и дело ќе се чува и во спомен-собата која се подготвува во с. Тработивиште во неговата родна куќа, под покровителство на Министерство за клутура и Општина Делчево. Почивај во мир учителе!