Неопходно е државата да донесе стратешка одлука за долгорочните насоки за управување со минералните суровини и да креира поволен деловен амбиент

ИНТЕРВЈУ: М-р Ивица ТАЛЕВСКИ, претседател на Македонската асоцијација на рударството (МАР)

Штип, 22.02.2022

Македонската асоцијација на рударството од неодамна има нов претседател. По одењето во пензија на Николајчо Николов, на оваа важна позиција е избран м-р Ивица Талевски, заменик генерален директор и директор за одржлив развој во  рудникот за олово и цинк САСА кај Македонска Каменица. Кариерата на г-дин Талевски во рударството започнува во 2016 година, а за неа тој ќе рече:

-Кариерата ја зпочнав како специјалист, а потоа и како менаџер за набавки на рудникот за олово и цинк САСА од Македонска Каменица, најголемиот македонски рудник со подземна експлоатација, во сопственост на Централ Азија Металс – рударска компанија која котира на AIM пазарот на Лондонска берза. Од крајот на 2017 година станав член на раководниот тим на САСА како комерцијален директор. Во моментов ги извршувам функциите директор за одржлив развој и заменик генерален директор на САСА. Истовремено, претседател сум на Фондацијата за одржлив развој на САСА, што за мене лично е исто така исклучително важна функција, затоа што преку работата на оваа фондација се реализираат проектите на САСА кои се значајни за локалната заедница од областа на животната средина, образованието, спортот, културата, здравството и социјалната заштита. Инаку, по образование сум магистер по деловна администрација. Пред да ја започнам мојата кариера во рударската индустрија имав неколку работни ангажмани во други сектори, а стекнав и значајно работно искуство во странство во области како што се: организација и управување со различни процеси, кризен менаџмент и соработка со голем број различни вклучени страни, што секако ме подготви за работата во рударството, каде овие квалификации и вештини се особено важни. Од септември 2021 година ја имам честа да бидам избран за претседател на единствената професионална асоцијација, членка на Стопанската комора на Северна Македонија, која ги застапува и штити интересите на деловните субјекти од рударската индустрија во земјата.

        Г-дин Талевски, рударството е важна стопанска гранка насекаде во светот, па и кај нас. Оттука, нашето прво прашање е колку вработени има во овој сектор, а колку од нив се во нашите четири најголеми рудници за благородни метали Саса, Бучим, Злетово и Тораница.

– Според последните достапни статистички податоци, во секторот рударство и вадење на камен во земјава активно функционираат 201 компанија и во него се вработени 7.805 лица. Најголемите четири активни рудници во земјата – САСА, Бучим, Злетово и Тораница, заедно вработуваат и до 2000 лица. Инаку, секторот рударство во нашата земја опфаќа четири видови дејности кои вклучуваат вадење на метални минерални суровини, вадење на камен и останати неметални суровини, вадење на јаглен и лигнит и помошни дејности во рударството.

rud02
Рудник „Саса“

Кое и колкаво е учеството на рударството во домашниот БДП? Можат ли сегашниве бројки да се зголемат и како да се оствари тоа?

– Учеството на рударството во структурата на вкупното индустриско производство во земјата, во изминативе неколку години континуирано се зголемува и во декември 2020 достигнала 11,24%. Треба да се напомене и дека рударството е една од ретките домашни индустриски гранки која бележи суфицит во трговската размена со странство. Имено, извозот во овој сектор традиционално секоја година надминува 200 милиони долари од кои над 76% отпаѓа на извоз на метални руди, а остатокот на извоз на неметали. Инаку, вкупната вредност на дејноста рударство и вадење камен во 2018-та година достигнала 10,9 милијарди денари, што претставува 1,9% од вкупниот БДП на земјата. Но, за да се согледа реалното значење на рударството и неговиот придонес во вкупната додадена вредност треба да се земе предвид дека без рудите и останатите минерални суровини невозможно е да се произведат компјутерите, мобилните телефони, телевизорите, возилата, возовите, бродовите, авионите, како и апаратите во здравството, а не можат да се изградат ниту домовите во кои живееме, ниту патиштата и мостовите по кои се движиме. Поради тоа, во високо развиените индустриски земји учеството на рударството во вкупната економија, а со тоа и неговото значење е многу големо. Кај нас, поради деиндустријализација на земјата која се случува во изминативе три-четири децении, реалниот развој на рударството е далеку под потенцијалот со кој располага оваа гранка. И покрај ваквите околности, факт е дека домашната рударска индустрија може многу повеќе да придонесе за вкупниот економски развој на земјата, но за да се искористи нејзиниот потенцијал неопходно е државата да донесе стратешка одлука за долгорочните правци за управување со минералните суровини и да креира поволен деловен амбиент. Со тоа ќе ги стимулира инвестициите во овој сектор кои ќе овозможат одржлив развој на современо, одговорно рударство, кое води сметка за јавниот интерес, за заштитата на животната средина и за благосостојбата на локалните заедници.

НИШТО БЕЗ РУДАРСТВОТО….За реално да се согледа значење на рударството и неговиот придонес во вкупната додадена вредност треба да се земе предвид дека без рудите и останатите минерални суровини невозможно е да се произведат компјутерите, мобилните телефони, телевизорите, возилата, возовите, бродовите, авионите, како и апаратите во здравството, а не можат да се изградат ниту домовите во кои живееме, ниту патиштата и мостовите по кои се движиме…

Минатата година светот се соочи со голема здравствена криза, многу животи се загубија, а многу стопански гранки доживеаја крах во нивната работа. Рударството како да покажа една отпорност кон последиците кои по економијата ги донесе пандемијата. На што се должи тоа, бидејќи не се случи ниту еден рудник да ја прекине работата…

– Пандемијата од Ковид-19 го промени целокупниот живот на планетата. Покрај останатите последици, таа предизвика и глобална економска криза која не го заобиколи ниту рударството, па тоа како и многу други економски гранки, се соочи со  пореметувања во понудата и побарувачката кои ја зголемија неизвесноста и создадоа низа тешкотии за компаниите. Сепак, рударските компании, особено оние поголемите, кои располагаат со поголеми можности и поддршка од своите сопственици и инвеститори, успеваат да ги издржат предизвиците што ги донесе здравствената и економската криза, да се прилагодат на новата реалност и да продолжат со реализација на своите развојни планови.

Во рудниците вообичаено постои добра организација на работата и се води посебна сметка за безбедноста. Оттаму, уште на почетокот на пандемијата, особено во поголемите рудници, се направија дополнителни вложувања, се воведоа превентивни мерки и протоколи и се донесоа  планови за организација на работата, кои овозможија да се заштитат вработените и да се намали ризикот од ширење на вирусот и истовремено да продолжат работните процеси. Сметам дека ваквите мерки и вложувања ги дадоа посакуваните резултати за што говорат податоците за помалиот број заразени во рударството, во однос на некои други индустрии.

ПЛАТА…Најважниот аспект во овие моменти е всушност растот на платите и верувам дека рударските компании во нашата земја се посветени на тоа да обезбедат тие да останат фер и да обезбедат соодветно покривање на животните трошоци на вработените во контекст на актуелното зголемување на цените на прехранбените производи и останатите животни потреби на домаќинствата. Просечната бруто во  минатата година во оваа индустрија е 53.890 денари и за последните пет години е зголемена за 40 проценти.

Ова не значи дека пандемијата не го погоди овој сектор. Статистиката бележи пад на производството во рударството во 2020 година од 5,6%, во споредба со 2019, а истата година забележано е и намалување на вкупниот број вработени. Но, во целата оваа ситуација добро е што ниту еден поголем руднички капацитет во земјава не прекина со работа поради последици од кризата предизвикана од пандемијата, што јасно покажува дека рударскиот систем генерално е поотпорен на ваков вид шокови, во однос на некои други сектори.

Здравствената криза предизвика и економска криза, но бројките говорат дека токму во таа кризна состојба се случи раст на цените на металите. За разлика од тој позитивен тренд за рударството денес сме сведоци на енормно зголемување на цената на струјата, на сировините и енергенсите кои ги користи рударството, а претпоставуваме и на машините и опремата без која нема квалитетно рударење?

– Вие сте во право кога велите дека се забележува извесен раст на цените на одредени метали на светските берзи кое се должи токму на пореметувањата во понудата и побарувачката што ги предизвика пандемијата на глобално ниво. Но, истовремено уште повеќе се зголемија и цените на енергенсите, на опремата и на транспортот, со што значително се зголемија вкупните трошоци во рударската индустрија.

Вкупниот ефект од растот на трошоците, особено во текот на 2021 година, покажува дека рударската индустрија во глобални рамки претрпува значителни штети. Порастот на цените, особено на енергенсите, репроматеријалите и на опремата, што како тренд продолжува и во 2022 година, придонесуваат за значителен раст на трошоците и ја отежнуваат работата на компаниите во домашната рударска индустрија.

Сепак, најважниот аспект во овие моменти е всушност растот на платите и верувам дека рударските компании во нашата земја се посветени на тоа да обезбедат тие да останат фер и да обезбедат соодветно покривање на животните трошоци на вработените во контекст на актуелното зголемување на цените на прехранбените производи и останатите животни потреби на домаќинствата.

Луѓето имаат еден посебен однос кон рудниците и посебно кон рударите…На некој начин ги сметаат за херои на трудот. Можете ли да ни кажете како стои рударството во однос на платите, нивниот просек, редовноста во исплатата, во исплатата на други принадлежности како К-15 и на тоа слично…

– И покрај големите вложувања за технолошка модернизација во домашната рударска индустрија, кои особено се интензивираа во последните неколку години, луѓето остануваат најважниот капитал на македонските рудници. Ова го покажуваат и бројките…Имено, просечната бруто плата во нашата индустрија континуирано бележи раст и во последните пет години се зголемила за близу 40%. Таа во 2020 година достигнала вредност од 53.890 денари и е за 33% повисока од просечната плата во државата. Според податоците од Заводот на статистика, платите во рударството се за 67,1% повисоки од платите во земјоделството, шумарството и рибарството, за 58% од преработувачката индустрија, за 42,8% поголеми од оние во градежништвото и за 45,5% од платите во трговијата на мало.

Во ова „модерно“ време кога ќе се спомне рудник, рударство веднаш се помислува и на екологија. Има еден факт дека речиси 40 години кај нас не е отворен нов рудник, освен рудното тело Боров Дол со кој се продолжи работниот век на Бучим. Кога ќе се спомнеше отворање нов рудник како Иловица-Штука, Казан Дол, Кадиица веднаш се јавуваа екологисти со барања и протести да не се отвора рудник. Од друга страна секоја национална економија се потпира пред сѐ на своите природни ресурси, па оттука кое е Вашето мислење за таа „војна“ која веќе две-три децении ја водат екологистите против рудниците и рударството? Прашањето ми е можно ли е и рударство и екологија, односно и економија и екологија и, ако е можно, како тоа да се направи?

– За да продолжи технолошкиот и економскиот прогрес на современите општества, кој во голем дел зависи токму од минералните суровини, неопходно е да е пронајде рамнотежа помеѓу развојот на рударството и животната средина. Науката и практиката покажале дека таква рамнотежа може да се постигне, преку имплементација и почитување на соодветни високи стандарди, најдобри достапни технологии и процедури во рударството, кои покрај непречена работа на рудниците, обезбедуваат и ефективна заштита на животната средина. Во суштина станува збор за еден концепт на одржлив развој на рударството за кој постои широк консензус во стручната јавност, но кој сѐ уште не е доволно промовиран во пошироката јавност. Затоа е неопходно ние, како индустрија, заедно со експертите и институциите, повеќе да работиме на јакнење на довербата на јавноста во концептот на одговорно рударство кое ги сведува на минимум можните негативни ефекти врз животната средина.

Факт е дека благодарение на рудниците градовите М.Каменица, Радовиш, Пробиштип и Крива Паланка економски и социјално добро опстојуват, а се вели ако во нив ги нема рудниците на тие градови може да им се „тури пепел“. Колку рудниците влијаат на социо-економскиот живот на овие места, и на кој степен е општествената одговорност на рудниците кон општините во кои работат. Дали покрај концесискиот надомест тие градови добиваат нешто плус од своите рудници.

– Не е никаква тајна дека целокупниот живот во општините каде се лоцирани поголемите домашни рудници на многу начини е поврзан со работата на овие индустриски капацитети. Одредени населени места, како што на пример е Македонска Каменица прераснале во урбани општини, токму поради успешната работа на рудникот што се наоѓа во непосредна близина, во случајов тоа е рудникот за олово и цинк САСА. Со својата работа и развој, ваквите рударски комплекси обезбедуваат работа за голем дел од населението во овие општини, преку директно вработување во рударските компании, но исто така овие рударски компании обезбедуваат работа и за голем број други локални добавувачи на различни добра и услуги за нивните потреби. Дополнително, рудниците соработуваат со голем  број експерти од различни области на науката, како што се рударството, геологијата, заштитата на животната средина, градежништвото, машинството и други, со што се помага и развојот на науката и високото образованите. Свесни за своето големо значење и поврзаност со локалната заедница, овие рударски компании, покрај концесиските надоместоци кои ги уплаќаат и со кои се финансираат значајни проекти во општините, континуирано вложуваат дополнителни средства во општествено одговорни проекти и активности во различни области. На пример, САСА од неодамна формираше и посебна Фондација, преку која секоја година се реализираат голем број проекти и активности кои се значајни за луѓето во локалната заедница, од областа на животната средина, образованието, спортот, културата, здравството и поддршка на социјално-ранливите и луѓето со попреченост.

Постави коментар

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе