ШТИП: Во центарот на кружниот тек кај црквата Свети Никола ќе никне споменик на светите браќа Кирил и Методиј
Штип, 21.10.2022
Штип пред неполн месец доби нов кружен тек во чиј центар наскоро ќе никне споменик на светите браќа, сесловенските просветители Кирил и Методиј.
Идејата дојде од градоначалникот Иван Јорданов, а за неа денес се дебатираше на Комисијата за култура при Советото на Општина Штип. Комисијата даде позитивно светло за оваа идеја, а дали таа ќе биде и конечна ќе се знае по завршуавње на седницата на Советот закажана за 27 овој месец.
Јорданов, со писмен допис, од Советот на општината побара да се изврши дополнување на Програмата за одбележување на значајни личности и настани со спомен обележја за периодот 2018-2022 година.
„Имајки го во предвид значењето на светите браќа Кирил и Методиј за целокупниот словенски народ, и посебно за нашиот, македонскиот, а уште повеќе поради фактот дека тие подготовката за својата најважна мисија-описменување на Словените ја започнале на просторот на Брегалница, цениме дека Штип како административен културен и црковен центар на регионот треба да има обележје кое ќе не потсетува на родоначалниците на словенската и македонска писменост“, стои во едлаборацијата на предлогот на градоначалникот Иван Јорданов.
Инаку, во Штип, откако се увиде дека во центарот на новиот кружен тек ќе има поголем празен простор, започнаа муабетите околу тоа што и кој ќе стои како спомен обележје на просторот. Се говореше дека тоа ќе биде споменик во чест на првоборецот Тошо Арсов, по кој беше крстено училиштето кое се наоѓало токму на таа локација, други говореа дека тука локалната власт, бидејќи е од ВМРО ДПМНЕ, ќе подгне споменик на Тодор Александров или Ванчо Михајлов, трети беа на мислење дека со соодветен споменик ќе му се оддаде почит на Киро Глигоров, првиот претседател на независна Македонија. Никој, во тие јавни градска дебата, не беше ниту блиску до споменикот кој дојде како идеја на таткото на градот.
Комисијата за култура го прифати предлогот, а сосема е сигурно дека тоа ќе го направи и мнозинството во Советот на општината во кој доминира ВМРО ДПМНЕ со коалицијата.
За тоа со колкави димензии ќе биде споменикот, дали уметникот кој ќе го прави ќе се избира на јавен тендер и колку ќе чини тој ќе се дознае на седницата на Советот на општината.
Инаку, во Штип, и тоа на плоштадот, од поново време стои само споменик на Александар Македонски.