10 години Универзитет „Гоце Делчев“
Штип, 24.03.2017
- Проф.д-р Блажо Боев, ректор: „Благосостојбата на една земја не зависи толку од нејзиниот БДП колку од бројот на образованите млади луѓе, нивното знаење, односно од интелектуалниот потенцијал“
„Генерацијата која го изнесе товарот на основањето на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип ја одигра својата историска улога и слободно можам да кажам дека остави длабоки траги во развојот на високото образование во Република Македонија. И затоа, во оваа прилика, изразувам голема благодарност на сите кои беа дел од овие десет години на развој на Универзитетот“.
Ова беше само дел од инспиративното обраќање на проф.д-р Блажо Боев, ректор на Универзитетот „Гоце Делчев“, на синоќешната свечена академија со која се одбележа 10 годишниот јубилеј на УГД.
Според Боев, Универзитетот има историска задача да биде извор на осмислено живеење, односно да биде заедница на оние кои се свесни за тоа дека благосостојбата на една земја не зависи толку од големината на нејзините вкупни приходи, или таканаречениот БДП, ниту од убавината на разните градби, колку од бројот на образованите млади луѓе, од нивното знаење, карактерот кој тие во себе и со себе го носат, односно од интелектуалниот потенцијал.
„Ние како универзитетска заедница, односно академија, сме повикани да реализираме такви програми и проекти со кои младите ќе ја запознаат убавината на животот преку осознавање на вистината и добрината, односно човечката страна на животот и светот или поинаку кажано, повикани сме, повеќе од многу други, живеејќи и работејќи да оставиме траг на вистината, вистината без која нема добрина, како што нема добрина без вистина“, потенцира ректорот Боев.
Боев уште потенцира дека темел на секој цивилизациски напредок е заедништвото на луѓето. –„Заедништвото на луѓето е самиот темел и на блескавиот развој на науката и образованието од самите негови почетоци, од Платоновата академија пред 2400 години па до денес“, порача Боев.
Ректорот порача дека со воспоставување на демократските институции на независната држава се верувало дека со демократизацијата и воспоставувањето на националниот суверенитет ќе имаме посакуван однос помеѓу демократските институции на државата и мериократската академска заеденица. Ако не со љубов тогаш со доверба кон идејата дека образованието и истражувачката работа треба да бидат генератор за развојот на општествената и стопанската благосостојба.
„Меѓутоа, правилото дека тркалото на историјата не се враќа назад беше посилно од нашите очекувања. Наместо во аркадија на складни односи на академијата и државата, денеска сме во дијаметрално спротивно време. Денеска државата премногу често сигнализира, а медиумите зајакнато тоа го пренесуваат, дека академијата е премногу индиферентна, дека таа не генерира истражувачки резултату кои можат да го забрзат развојот на општеството. Значи наместо доверба доминира недоверба“, заклучи Боев.