Шелева: Да беше роден во моќна западно-европска земја, Ацо Шопов ќе беше тамошна школска лектира
Македонија, на разни начини, ја одбележува стогодишнината од раѓањето на поетот, револуционер и општественик Ацо Шопов (1923- 2023) кој е роден во Штип на 20 декември 1923, а умрел во Скопје на 20 април 1982 година.
Ацо Шопов во Штип завршил основно училиште и гимназија, а Филозофски факултет во Скопје. Тој бил активен учесник во НОБ од 1941 година, а по ослободувањето, работел и живеел во Скопје, каде бил уредник на неколку литературни списанија. Шопов објавил повеќе збирки поезија, но и активно преведувал, претежно од југословенски автори, но и дела од Шекспир, Корнеј, Крилов и други.
И во рамките на 62 издание на фестивалот на поезија „Струшки вечери на поезијата“ е одбележена стогодишнината од раѓањето на знаменитиот штипјанец и голем македонски поет Ацо Шопов. Настанот се одржа во црквата „Света Софија“ во Охрид каде пред бројните странски и домашни гости свое обраќање имаше литературната критичарка и теоретичарка Елизабета Шелева, која потенцираше дека Шопов е поет од светски ранг.
„Шопов наликува на модерен Болен Дојчин чијшто последен, како и прв подвиг, е содржан во непобедливиот импресум на сетилноста и убавината, на песната и доживотната преданост кон неа. „Недочитливоста“ на оваа поезија е триумф и победа пред минливоста“…
-Моето обраќање денес, по повод 100-годишнината од раѓањето на Ацо Шопов, кој беше прв претседател на Советот на СВП, по измината временска дистанца од 62 години, го доживувам не само како особена чест и привилегија, туку и како симболично совпаѓање на неколку детали и околности, занимливи од книжевно-историски аспект. Имено, тие потврдуваат дека времето како невидлив уметник го ниже својот величествен мозаик од „камчињата“ историја што само на прв поглед изгледаат како случаен сплет на луѓе и настани, рече Шелева.
Таа посочи дека неодамна починатиот книжевен великан Милан Кундера во една прилика изјавил „Малите народи даваат големи поети“.
-Оваа констатација на Кундера, покрај другите, го опфаќа и е применлива и на самиот Ацо Шопов. Тој беше и остана голем поет кому „забот на времето“ не успеа да му украде, ниту да му одземе ни трошка од поетската магија и убавина. Да беше роден во некоја од моќните западно-европски книжевни култури и традиции, Ацо Шопов несомнено ќе беше вграден како незаобиколен автор во тамошната школска лектира и како неизоставен дел (припадник) на националниот книжевен канон, истакна Шелева.
Таа потенцираше дека Шопов зад себе ни остави богато и респектабилно книжевно наследство, сплет од безвременски песни и мотиви чии елементи и крилатици ги освоија срцата и паметењето на неговите читатели.
-Шопов наликува на модерен Болен Дојчин чијшто последен, како и прв подвиг, е содржан во непобедливиот импресум на сетилноста и убавината, на песната и доживотната преданост кон неа. „Недочитливоста“ на оваа поезија е триумф и победа пред минливоста – моќен поттик одново да се думаме и во иднина маѓепсано да пребираме низ луцидните поетски бисери и езерски гатанки на Шопов, додаде Шелева.
Пред бројните гости беше прочитана и дел од поезијата на Шопов, а во чест на Ацо Шопов, во рамките на фестивалот, беше отворена и изложба на фотографии.