Свети Николе, 30.09.2023
Вчера на Великотрновскиот универзитет „Св. св. Кирил и Методиј“ во Бугарија се одржа Основачко собрание на кое едногласно се одлучи да се формира Балкански универзитетски центар, со седиште во Велико Трново.
За претседател е избран проф. д-р Христо Бонџолов, проректор за настава при Великотрновскиот универзитет „Св. св. Кирил и Методиј“, а во Управниот одбор на Балканскиот универзитетски центар ќе бидат проф. д-р Јордан Ѓорчев, претседател на Управниот одбор на Меѓународниот Славјански Универзитет и инж. Димитрис Стефанидис, претседател на Европскиот политехнички универзитет.
Балканскиот универзитетски центар има за цел да ја поттикне соработката меѓу универзитетите од различни балкански земји, да го подобри квалитетот на образованието и истражувањето во регионот преку здружување ресурси и споделување знаења. Овој заеднички напор ќе создаде можности за студентите и професорите да се вклучат во прекугранична соработка и програми за размена, овозможувајќи им пристап до поширок опсег на академски и истражувачки ресурси. Центарот ќе промовира и заеднички истражувачки проекти, охрабрувајќи го развојот на нови идеи и решенија за справување со регионалните и глобалните предизвици.
Членови на Балканскиот универзитетски центар се:
Великотрновски универзитет „Св. св. Кирил и Методиј”, Бугарија
Меѓународен Славјански Универзитет, Република Северна Македонија
Универзитетот во Ниш, Србија
Универзитетот во Крајова, Романија
Универзитетот „Намик Кемал“, Турција
Европскиот политехнички универзитет, Бугарија
Висока градежна школа „Љубен Каравелов“, Бугарија
Универзитетот на Западна Македонија, Грција
Универзитетот „Фан С. Ноли“, Албанија
На средбата учествуваше и доц. д-р Ана Иванова, проректор за меѓународна соработка на Великотрновскиот универзитет „Св. св. Кирил и Методиј“.