За Урсула цвеќе, за Трпе и Трпана, трпение – спасение!
(„Со нетрпение очекуваме да ви посакаме добредојде вам, на вашиот посебен идентитет и на вашиот јазик, македонскиот јазик“!)…
Што да ви кажам? Милина!
Како Бојан Маричиќ тоа да и го беше напишал на букетот од свежо цвеќе. Кавалериште до немајкаде!
Одбрани, наменски зборови, според онаа народната: на бабати и се сонило, она што и се посакало!
Не дека се сомневам во добрите намери на Урсула. Не дека нашите лидери имаат лоши намери. Со најдобри намери е поплочен и патот до пеколот.
Кој не верува, нека ја погледне судбината на Палестинците во Газа. Двојни аршини, мегународно право по мерка на силните, човекови права – само за одбраните!
Затоа прстот на умот! “Нам, на нашиот посебен идентитет и на нашиот јазик, македонскиот јазик“, на нашите наводни “реформи”, ќе ни биде испорачано добредојде во Брисел, само откако самиот Брисел ќе се реформира!
За Урсула цвеќе, за Трпе и Трпана, трпение – спасение!Толку, многу сме истрпиле, секој втор сме Трпе и Трпана, “да го почуваме уште малку кубурот за зорзоман!”.
Британија се одвои политички од континентот, Орбан тера по свое, Полска, Чешка и Словачка се само чекор зад него, Европа се умори од Украина, Ердоган од Босфорот повикува:”каде ви истекоа европските крокодилски солзи што ги леевте за децата и цивилите во Украина”!?
Светот е первертиран. Се е свртено наопаку, на глава! Денес, ДПМНЕ да ве брани од Бугари е чиста перверзија, вели војводата Љубчо, чиј Извршен комитет “бил споставен од 50 проценти про-Бугари!”.
Великиот мудрец, владиката Његош, подучуваше, да не се плашиме од надворешните непријатели, макар, да ги има и колку вгора лисја, тук од злото домашно!
Многу полжавски роџинја излегуваат на топлово, речиси ноемвриско време. Ќе се задржам само на колегите од професијата.
Еден сум од постарите злопамтила, те го паметам времето кога колегата “наше горе лист” (историска Дебрца, уште и македонски Кумровец!), драгиот Бране Цветкоски, тогаш во “Нова Македонија” (јас “Вечераш”), го “зеде низ нозе” професорот Трајко Стаматоски, за наводното приближување на макеоднскиот јазик, кон српско – хрватскиот.
“Благонадежниот!” колега, тогаш од Македонската телевизија, Владимир Перев, каде, ако не во “Трибуна” (обаче на б,лгарски!) му подигна споменик на Бранкота (од кал да е, само од Слатино – Бранко да е!), за “геројството”, во дуелот со Стаматоски, пуштајќи отровни стрели и кон Блаже Конески.
Тука ме погодија, и емотивно, лично, но, и, објеклтивно. Како студент кај Конески и подоцна како новинар, најповеќе внимавав, и сите внимаваме, особен, кон србизмите. Тоа беше правило број еден во зачувувањето на кодифицираниот македонски јазик. Цветкоски и Перев не беа во право. Ова од лично искуство.
Рашетувајќи се, деновиве, по социјалните мрежи, ми падна во очи, како членови од раководството на ДПМ – претседателката на Собранието, односно, мојата драга охриганка – техничката секретарка (претседателот, откако се поигра, помајтапи, со нас фејсбуковци, дефинитивно не откачи!), во своите јавни обраќања, укажуваат дека “зад притисоците, уцените и заканите (се мисли на актуелните состојби во ДПМ), стои партиско – политичко – писателска групација во дослух со источниот сосед и негови овдешни фронтмени!” Дека “ДПМ и актуелното раководство се соочуваат и се борат со невидливи и нечесни, но организирани и платени сили”.
Што сакаат да кажат поетиве!? Некого цртаат!
Конкретно не кажуваат, но собитијата нешто кажуваат.
Пред неколку дена, во Македонскиот културно – информативен центар, во “столицата”, беше претставена поетската збирка на Цветкоски “Од исто тесто”, со поднаслов: стихови за смртта и надежта. Всушност, изданието на бугарски јазик, како “От същото тесто”
Сашто, като исто!
Да се разбереме. Ме радува претставувањето на мојот родникраец од славна Дебрца во КИЦ во Софија. Неговата книга, Клетников, Стојчевски и отец Давид, ја препорачуваат како стихови од најздрелото поетско доба на авторот, истиот, кој ја издаде и мојата прва книга “Рани Спомени” (“Макавеј”).
Отец Давид, го препорачува аворот: “и такъв поет, и всеки друг род, го чувства като свой! “. Одлично, звучи космополитски.
Во Софија, пак, е претставен како “емблематична личност в областа на литературата и културата в своята родина”. Чичко Гугал, тоа “емблематична”, го преведува како иконска,
Значи, икона, со што јас немам никаков проблем, дури, и покрај сите поклоненија пред Венко Марковски. Напротив!
Со сиот респек кон стиховите на колегата Цветкоски мене, сепак, “ме јаде забот”, се разбира ако сум во право: зошто поетската збирка на мојот роднокраец, не се промовира и претставува овде, дома, туку надвор. Таму два пати, овде ниту еднаш!?
Истата книга веќе беше претставена во ноември 2022, во Тракискиот дом во Софија, во организација на “Съюзът на тракийските дружества в България, Съюзът на българските писатели и издателство “Захарий Стоянов”.
Исто така и во Пловдив, крајот на ноември.
Еве, јас му се нудам, на мој трошок, сака во Охрид, сака во борбена Дебрца-Црвена Вода, да му организирам промоција. Ако не знае каков домаќин сум (ѓомлезето и овчото, планинско, кисело млеко се загарантирани), нека ја праша дада Катица Ќулафкова. И таа “ми го мати умот” со изјавата, дека, “поради соживотот сме го изгубиле животот(!)”, ама, за тоа, во друга прилика. Да не мешаме баби и жаби!
Сосема за крај. Тие што ме познаваат, знаат добро дека немам ништо против бугарскиот јазик, литература и култура. Напротив, јазикот го владеам одлично, а, дополнително, манифестацијaта која јас ја зародив и водам – Балканскиот поетски камп за млади “Ванчо Николески”, секоја година, ги има најдрагите учесници од Бугарија.
Веле Митаноски