Кочани, 15.08.2024
Пожарникарите од Кочани и Македонска Каменица сѐ уште интервенираат на големиот пожар кој ја пустоши шумата на Осоговските планини на потегот помеѓу селата Пресека и Цера, кој е локализиран, но сѐ уште е активен. Во гасењето на пожарот се вклучи и месното население.
Територијалните противпожарни единици на Кочани и Македонска Каменица, Национални шуми и двете доброволни противпожарни друшта „Кочани“ и „Саси“, веќе четврти ден се борат со огнот на Осоговските Планини. Во гасењето на пожарот се вклучиле и осумдесетина жители од Пресека и Цера.
На увид на состојбата беа и градоначалниците на Кочани Љупчо Папазов и на Македонска Камница Димчо Атанасовски.
Според пожарникарите од ТППЕ Кочани, првично двата одделни пожара во Пресека и во Цера се споиле во еден. Огнената стихија досега уништила над 150 хектари висококвалитетна борова и дабова шума.
Противпожарните екипи остануваат на терен со континуирани дежурства.