Халкбанк АД Скопје информираше дека од 28 декември 2024 година се регистрирани обиди за неовластено собирање на лични податоци и финансиски податоци преку лажни пораки, кои се испраќаат до македонските граѓани. Овие активности сè уште се актуелни, додаваат од таму.
„Се испраќаат лажни SMS пораки со злоупотребено име на банката, кои содржат линк до лажни веб-страници со намера за измама. Целта на овие пораки е прибирање на податоци за платежните картички и можност за нивна злоупотреба“, велат од Халкбанк АД Скопје.
Банката апелира до јавноста да се воздржи од отворање на линковите добиени преку ваквите пораки, граѓаните да не внесуваат лични или финансиски податоци на посочените веб- страници и да бидат внимателни.
„Халкбанк АД Скопје истакнува дека никогаш нема да побара од своите клиенти лични податоци или информации за платежните картички преку ваков тип пораки. Сите комуникации од страна на банката се одвиваат исклучиво преку официјални и безбедни канали“, велат од банката.