Јавното обвинителство вели дека било против Сашо Мијалков да добие условен отпуст и да му се врати пасошот
Јавното обвинителство денеска испрати соопштение во кое информира дека оваа институција досега ниту еднаш не дала позитивно мислење и согласност за условен отпуст на Сашо Мијалков. Од ЈО информираат дека надлежниот јавен обвинител при првостепеното одлучување за условен отпуст на осудениот Мијалков дал негативно мислење, а по донесувањето на одлуката со која му се одобрува отпустот, обвинителот вложил и жалба, која била отфрлена.
„Поради интересот на јавноста во врска со условниот отпуст на осуденото лице Сашо Мијалков и неговото право да ја напушти државата, Јавното обвинителство појаснува дека ниту еднаш не дало позитивно мислење и не се согласило со условен отпуст на осудениот. Надлежниот јавен обвинител при првостепеното одлучување за условен отпуст на осуденото лице Сашо Мијалков даде негативно мислење. По донесената одлука со која му беше одобрен отпустот, обвинителот вложи и жалба, меѓутоа таа беше отфрлена како недозволена, бидејќи во меѓувреме, со измени на Законот за извршување на санкциите, од членот 254 е избришана одредбата која предвидуваше обврска решението за условен отпуст да се доставува до јавниот обвинител, а со членот 256 практично целосно беше одземена можноста на јавниот обвинител да се жали на одлуката за условен отпуст,“ стои во соопштението на Јавното обвинителство.
Од таму потенцираат дека со законските измени, јавниот обвинител ниту е известен ниту има можност да се жали на условниот отпуст и со оглед на тоа, во мај 2024 година, кога Сашо Мијалков добил конечна одлука за условен отпуст, јавниот обвинител воопшто не можел да има никакво влијание врз таквата одлука ниту врз заштитениот надзор врз условно отпуштениот.
Од обвинителството велат дека кога станува збор за предметот „Трезор“, надлежниот јавен обвинител и во тој случај ниту еднаш нема дадено позитивно мислење за враќање на патната исправа. Напротив, на 31 Мај минатата година, обвинителот дал негативно мислење за враќање на пасошот на обвинетиот, а потоа на 19 Јуни вложил и жалба на решението на Кривичниот совет со кое беше укината таа мерка на претпазливост. Позитивно мислење во во тој предмет било дадено само во однос на укинување на гаранцијата и тоа по донесена правосилна ослободителна пресуда од Апелацискиот суд.