10.02.2025
Во Основниот суд Штип денеска му се судеше на Фадил Зејнелов кој на 1 ноември минатата година на свиреп начин ја уби неговата вонбрачна партнерка Емилија Пешева. Зејнелов го призна убиството, а адвокатите на семејството на убиената Емилија побараа казна доживотен затвор.
Според истрагата на Основното јавно обвинителство, за убиството на штипјанката Пешева обезбедени се докази според кои обвинетиот на 1 ноември 2024 година, при вршење семејно насилство, во напуштен објект во месноста Суитлак тој со умисла ја лишил од живот својата вонбрачна партнерка. Кога се уверил дека не дава знаци на живот, тој го напуштил местото и сам се пријавил во Полициска станица-Штип.
Додека обвинетиот Фадил Зејнелов се бранеше со зборовите дека неговиот мотив да и го одземе животот на Емилија Пешева било неверство, нејзините родители побараа од судот на убиецот да му биде изречена казна доживотен затвор.
„Па кога мојата ќерка ќе излезе од гробот, нека и тој излезе од затворот“, емотивно и во солзи рече мајката на Емилија.
Според сведочењето на родителите не се точни кажувањата на Зејнелов дека веднаш откако го извршил убиството тој се пријавил во СВР Штип.
-Тој лаже, не само што не се пријавил во Полициска станица Штип, туку заминал во коцкарница каде ги потрошил парите кои ги земал од нивната ќерка. Притоа тој повеќе пати по терелефон се јавувал кај мајката на Емилија да праша дали нејзината ќерка се вратила дома, па откако дознал дека Емилија не се вратила дома, и му станало јасно дека е мртва, дури тогаш отишол во полициската станица во Штип и го пријавил убиството кое го извршил.
Мајката рече дека Емилија постојано била малтретирана и тепана од страна на Зејнелов.
Претседател на судскиот кривичен совет, при Основниот суд во Штип за овој судски предмет е судијата кривичар Сашко Георгиев, кој откако завршија воведните и завршни зборови на обвинителството и адвокатите на убиената Пешева и на адвокатот по службена должност на Зејнелов, најави дека пресудата ќе биде објавена во среда на 12 февруари 2025 година во 13 часот во Основниот суд во Штип.