Верификацијата на пациенти ќе стане обврска при посета на лекар, велат во Министерството за здравство

Во моментов процесот на верификација на пациенти при посета на матичен лекар сè уште не е задолжителен, но во наредниот период ќе стане обврска при посета кај матичниот лекар, соопштуваат од Министерството за здравство, откако Мета објави дека лекари реагираат на новината, пациентот да кажува код при посета на лекар кој му пристигнува на смс порака.

„Сепак, системот предвидува исклучоци во одредени случаи: Итни медицински случаи – внесување во системот без верификација. Деца и изнемоштени лица – можат да бидат верификувани преку друго лице (еден телефонски број за повеќе пациенти). Корисници на мобилната апликација Мое Здравје – можат самостојно да ја завршат верификацијата, без вклучување на матичниот лекар“, појаснуваат во министерството.

Како што велат оттаму, со оваа новина, целта е да обезбеди пациентите навремено да добиваат известувања за закажани термини и други здравствени услуги, со што се намалуваат пропуштените прегледи и се оптимизира функционирањето на здравствениот систем.

„Важно е да се нагласи дека верификацијата се прави еднократно, што значи дека пациентите треба да го потврдат својот телефонски број само при првиот преглед. Оваа промена се базира на анализи кои покажаа дека значителен број пациенти не се појавуваат на закажаните термини поради неажурирани телефонски броеви. На пример, повеќе од 50% од пациентките со закажани прегледи за дојка не се појавиле, со што биле изгубени термини кои можеле да бидат искористени за други пациенти“, додаваат во министерството.

Од утрово, во системот „Мој Tермин“ функционира новина која бара верификација на пациентите што се обраќаат за помош, а која налути некои од матичните лекари. Имено, кога пациент ќе дојде во ординација, лекарот мора да го отвори/внесе неговиот број на картон во компјутер, но за да се потврди идентитетот на пациентот, тој добива код за верификација по смс порака, кој потоа го кажува на лекарот за да го внесе.

Мета.мк, за појаснување околу оваа новина се обрати до надлежните во „Мој Tермин“ како и до Министерството за здравство, од каде што очекуваме одговори во текот на денот.

„Kaј помлади пациенти не е проблем, веднаш го кажуваат кодот и не се губи време. Но, се губи драгоцено време додека кај повозрасен пациент се чека да му стаса смс пораката, кој патем не се чувствува добро, на пример, поради висок притисок и му треба што поскоро медицинска помош. А, дури откако ќе се внесе кодот од смс пораката, можеме да почнеме да прегледуваме, да издаваме рецепти или да препишеме терапија. Имаме возрасни пациенти кои и немаат мобилни телефони, имаме и дементни пациенти кои едвај знаат да стасаат до ординацијата, камоли да кажат код од смс порака. Во државава има 350.000 пензионери, а илјадници од нив се сами, немаат телефони. Има многу хронично болни и стари лица за кои комшиите се јавуваат за да ни кажат да издадеме терапија“, кажа за Мета.мк д-р Лилија Чолакова Дервишова, семејна лекарка и претседателка на Здружението на приватни лекари.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе