Поголема транспарентност и надзор над платеното политичко рекламирање во онлајн медиумите

Потребно е да се зајакне транспарентноста и надзорот на платеното политичко рекламирање во онлајн медиумите за време на предизборната кампања. Ова е основната премиса од која што започна имплементацијата на проектот „Пари, медиуми и избори во Северна Македонија, кој го имплементира Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС) заедно со Фондацијата Метаморфозис. Како кулминација на овој проект, денеска започна дводневна конференција на истата тема.

Според извршниот директор на Метаморфозис, Бардил Јашари, основна цел при спроведувањето беше да се идентификуваат критичните празнини и слабости поврзани со онлајн медиумите во Северна Македонија и финансирањето на политичките партии и изборниот интегритет.

Во рамки на проектот беше извршен и мониторинг на дел од онлајн медиумите за време на предизборната кампања за парламентарните избори.

„Со мониторнгот се фокусиравме на онлајн медиумите затоа што тие имаат сè поголема улога во медиумските кампањи“, истакна Јашари.

Тој потсети дека на последните парламентарни избори, дури 251 интернет портал се регистрираа во Државната изборна комисија (ДИК) за да обезбедат платени реклами.

„Според извештаите, 150 од овие медиуми (60%) публикуваа платени реклами. Вкупно, се проценува дека порталите примиле 811.013 евра јавни средства за време на парламентарните избори. Овие наоди ја нагласуваат влијателната улога на партиите и интернет порталите во обликувањето на перцепциите на јавноста за изборната кампања и за кандидатите“, додаде тој.

Во своето воведно обраќање, Јоана Козма, директорката на Канцеларијата на ИФЕС во Северна Македонија, истакна дека целта на овој настан е да се олесни размената на меѓународните добри практики и регулативи за надзор на политичките кампањи и онлајн медиумите во текот на изборите, како и да се види, дали некои од тие практики може да се вклучи во националната практика и во правната рамка.

Фото: Мета.мк

Во рамки на сесијата насловена како „Одбројување до изборите во Северна Македонија: Како да се зајакне транспарентноста и надзорот на платеното политичко рекламирање за време на медиумската кампања, вклучително и на интернет порталите?“, имаше дискусија за можните начини на подобрување на надгледувањето, известувањето и транспарентноста на интернет порталите за време на изборите – осврт на тековните регулаторни, етички и практични предизвици по однос на идните избори.

Максим Ацевски, главен државен ревизор во Државниот завод за ревизија, истакна дека институцијата троши драгоцени човечки ресурси и пари кога станува збор за следење на изборен процес, кој, целокупен сектор составен од овластени ревизори континуирано го следат.

„Со години кажуваме дека има потреба од измена на Изборниот законик, кој го носат политичките актери, без да се консултираат со нас“, праша Ацевски. Според него, потребно е уредување на оваа област посебно во делот на интернет порталите, треба да се пропишат критериуми за распределба на средства, како и да се доуреди делот на казнената политика.

Директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Зоран Трајчевски, во своето излагање повтори дека АВМУ смета оти не треба да има платено политичко рекламирање од државниот буџет.

Тој зборуваше и тенденцијата на пренасочување на изборните кампањи на социјалните мрежи. Кажа дека за време на претседателските избори, забележливо било дека носителите на јавни функцики и кандидати, своите Фејсбук профили ги користеле за отворено вршење на кампањата, со преноси во живо, нивни говори, фотографии, видеа од средби со граѓани.

„Така тие мобилизираа поголем број поддржувачи и добиваа повеќе гледачи. Водењето кампања на социјални мрежи кај нас воопштео не е регулирано“, додаде Трајчевски.

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, на настанот истакна дека ова министерство презело една од надлежностите кои се однесуваат на политики од областа на медиумите.

„Порталите се во многу поголем број во споредба со традиционалните медиуми, иако голем број од нив се фантомски. Во напредна фаза е подготовката на законот за медиуми, кој очекувам дека на владина седница ќе биде наскоро, а потоа и на Собрание“, кажа министерот.

Зоран Богоевски, член на Државната комисија за спречување корупција потсети дека согласно член 74 од Изборниот законик, кај нас парите за политичко рекламирање се обезбедуваат од буџетот на државата, а се исплаќаат преку ДИК.

„Само на портали се дадени 1,3 милиони евра, што е сериозен износ и треба да сме сигурни дека овие пари не се злоупотребени. Веб-портал е многу едноставно да се креира, секој може да купи домејн, без гаранција за кредибилитетот и квалитетот на истите. Може да дојде до пари, без надзор, за пропаганда која се базира на интереси, а не на факти. Се случува едно лице да отвори повеќе портали, со цел да добие повеќе пари во период на предизборие. Законите не ги опфаќаат порталите на истиот начин како традиционалните медиуми, а токму тие играат клучна улога во изборните кампањи. Потребен е регистар на онлајн медиуми и потребна е контрола за подобрување на сицио-економскиот статус на новинарите“, истакна Богоевски.

Проектот „Пари, медиуми и избори во Северна Македонија“ е поддржан од Канцеларијата за надворешни работи, комонвелт и развој (ФЦДО) на Владата на Велика Британија.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе