По три месеци хаос во Вашингтон, политичката ракета на Илон Маск остана без гориво

Во Силиконската долина важи мотото „движи се брзо и руши“. Деновиве во Вашингтон, тоа се нарекува „Илон Маск си ја врши работата“, објави South China Morning Post.

Единствената работа која на Маск, најбогатиот човек на светот, не му е дозволена според Уставот на САД е да стане претседател, бидејќи е роден во Јужна Африка. Но, кога Доналд Трамп му довери задача да ја „свитка“ американската влада, Маск ја доби втората најмоќна позиција во светот.

Неговиот формален наслов е „специјален државен службеник“, но во реалноста, Маск последниве сто дена беше еден од највлијателните луѓе во САД. Како најголем финансиски поддржувач на Трамп во предизборната кампања, доби ексклузивен пристап до Белата куќа – се појавуваше на состаноци во кабинетот, во Овалната соба, патуваше со претседателските хеликоптери и авиони, и често беше фотографиран со капче со слоганот на Трамп.

Токму преку таа блискост со претседателот, Маск ја иницираше Агенцијата за ефикасност на владата (со акроним ДОГЕ), чија цел беше радикално кратење на владините трошоци. Без сериозен отпор од републиканското мнозинство во Конгресот и со минимален правен отпор, Маск со брзина на техно-претприемач почна да укинува програми, да се вклучува во владини компјутерски системи и да ја прикажува американската администрација како корумпиран и нефункционален систем.

Во еден момент, проценетите заштеди од федералниот буџет од 7 билиони долари достигнаа неверојатни 2 билиони долари. Подоцна таа бројка се намали на 1 билион, а неодамна Маск објави нова цел – само 150 милијарди долари. Дури и таа бројка е сомнителна, бидејќи веб-страницата на Doge која ги следи заштедите е често неточна и технички неисправна.

Во меѓувреме, Tesla објави пад на профитот од 71 отсто за првиот квартал од 2025 година. Маск веднаш соопшти дека ќе ја намали својата ангажираност во Белата куќа.

Иако тој сака да колонизира Марс и често делува како личност без сомнеж во сопствените идеи, реалноста покажува оти неговото влијание на земјата се соочува со сериозни предизвици. Со тим од млади ИТ експерти, Doge навлезе длабоко во владините системи – вклучувајќи го и Бирото за финансиска заштита на потрошувачите (CFPB), каде што ја преземаа контролата врз финансиите и социјалните мрежи, заклучувајќи ги вработените. Маск на социјалните мрежи тогаш објави: „CFPB RIP“.

Меѓу првите институции што беа погодени од реформите на Doge беше и USAID – американската агенција за странска помош. Канцелариите беа затворени, програмите прекинати, а некои вработени останаа заглавени во странство.

Цел на кратења беа и сите програми поврзани со „разновидност, еднаквост и инклузивност“ (DEI), кои администрацијата на Трамп ги смета за непотребни. Маск им испрати мејлови на 2,3 милиони државни службеници со понуда за доброволно заминување. Насловот на пораката беше „Растркница“ – исто како и писмото што им го испрати на вработените откако го презеде Twitter, кој подоцна го преименува во Х (X).

Дополнително, секој службеник требаше да одговара на неделен мејл со пет постигнувања за изминатата седмица – за Маск да може, како што рече, да „провери дали имаат пулс“.

Во првите недели, ефектите беа драматични. Но, по три месеци, ракетата на Маск почнува да ја губи висината. Се повеќе Американци – вклучувајќи и негови поранешни обожаватели – изразуваат сомнеж во неговиот пристап. Некои ги бојкотираат производите на Tesla, други ги демолираат неговите автомобили.

Правно, улогата на „специјален државен службеник“ е ограничена на 130 дена годишно. Тоа значи дека Маск ќе мора да се повлече од владината функција до летото.

„Се враќа назад на неговите бизниси“, изјави претседателот Трамп. „Тој тоа го сака.“

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press