Шест бугарски државјани беа осудени на затвор од страна на Кралскиот кривичен суд во Лондон (Old Bailey) поради шпионажа во корист на Русија, со што, според британските власти, сериозно ја загрозиле националната безбедност на Обединетото Кралство.
Орлин Русев (47), кој се изјасни за виновен и беше идентификуван како водач на шпионската мрежа, доби казна затвор од 10 години и 8 месеци. Тој бил одговорен за спроведување на шест „софистицирани“ операции кои довеле во опасност човечки животи и ја нарушиле безбедноста на државата.
Неговиот заменик, Бисер Џамбазов (44), исто така се изјасни за виновен и доби 10 години и 2 месеци затвор.
Катарина Иванова (33), една од двете жени кои биле користени како „мамки“ за целите на групата, беше осудена на 9 години и 8 месеци. Судијата прифатил оти Иванова веројатно не би била вклучена во криминалот доколку не го запознала Џамбазов, но и порача дека „свесно се определила“ да биде дел од мрежата.
Втората жена, Вања Габерова (30), доби казна затвор од 6 години, 8 месеци и 3 недели. Иако судијата уважил дијагноза за клаустрофобија, тој посочил дека таа била свесна оти работи за Русија и дека го доживувала тоа како „возбудливо и гламурозно“.
Тихомир Иванчев (39), еден од двајцата „помошници“, доби 8 години затвор. Судот земал предвид дека тој покажал добро однесување и се повлекол од активностите пред апсењето во 2023 година. Вториот, Иван Стојанов (33), доби 5 години и 3 недели затвор, откако се изјасни за виновен во подоцнежна фаза од судењето.
Секој од обвинетите ќе мора да одлежи најмалку половина од казната пред да стане подобен за условен отпуст, по што ќе следи автоматска депортација во Бугарија.
Судијата опиша шест документирани шпионски операции на мрежата, при што дел од обвинетите имале поголема одговорност. Акциите биле координирани од Џамбазов, кој работел под раководство на Русев. Според судот, главниот мотив бил паричен, а се дискутирале „значајни“ суми до 1 милион евра. Судијата нагласи дека тоа ја покажува „вредноста“ на нивните активности за руските служби, при што групата живеела „многу удобно“ од добиените средства.
Шпионската мрежа, активна во периодот 2020–2023, се занимавала со надгледување и собирање разузнавачки податоци, главно насочени кон новинари и руски дисиденти. Делувале од пансион во Грејт Јармут, Норфолк, а биле контролирани од странство од Јан Марсалек – австриски бизнисмен кој избегал во Русија во 2020 година по колапсот на финтек-компанијата „Вајркард“ (Wirecard) и финансиска измама од 1,9 милијарди евра.
Марсалек, кој се смета дека се наоѓа во Москва, работел за руските безбедносни служби – ФСБ и воената разузнавачка служба ГРУ. Тој организирал надзор врз истражувачкиот новинар Христо Грозев во Бугарија, Австрија и Шпанија – истиот новинар што помогна во откривање на руски агенти вмешани во труењето на опозицискиот лидер Алексеј Наваљни.
Исто така, Марсалек наложил на членовите на мрежата, вклучително и на Иванова, да украдат телефонски броеви на украински војници кои се обучувале во американска база во Штутгарт, Германија, користејќи уред за шпионажа од воен ранг.
Судијата во телевизиски пренос од судницата, ги пофали истражителите за „исцрпната и решителна работа“. Тој истакна дека жртвите на шпионажата биле „длабоко вознемирени“ и биле принудени да ги зголемат безбедносните мерки.
Командант Доминик Марфи, раководител на Одделението за борба против тероризам при Метрополитен полицијата, изјави дека силата на истрагата ги натерала Русев и Џамбазов да признаат вина.
„Овој случај е јасен пример за зголемениот број на случаи поврзани со закани од држави со кои се соочуваме во Обединетото Кралство. Тоа исто така ја покажува новата појава каде што некои држави практикуваат аутсорсинг на шпионажа“, рече тој.
Френк Фергусон, раководител на Специјалниот оддел за криминал и контратероризам при Обвинителството на Обединетото Кралство, изјави дека целта на групата била да шпионира новинари и бегалци од Русија кои нашле засолниште во Британија.
„Овие долготрајни активности ја поткопаа безбедноста на Обединетото Кралство, и нема сомнеж дека секој од обвинетите знаел за кого работи“, додаде тој.