Израелски тенкови убија 59 Палестинци во Газа додека се обидувале да добијат хуманитарна помош

Израелски тенкови отворија оган врз толпа луѓе кои се обидувале да добијат помош од камиони во Газа во вторникот, при што загинале најмалку 59 лица, според медицински извори на Ројтерс. Ова е еден од најкрвавите инциденти досега во ескалацијата на насилството додека очајни жители се борат за храна.

Видео објавено на социјалните мрежи прикажува околу десетина обезглавени тела на улица во Кан Јунис, на југот на Појасот Газа, пишува Ројтерс. Израелската војска, која од октомври 2023 година е во војна со палестинските милитанти предводени од Хамас, потврди дека имало пукање во областа и најави дека го истражува инцидентот.

Сведоци интервјуирани од Ројтерс изјавиле дека израелски тенкови испукале најмалку две гранати врз толпа од неколку илјади луѓе кои се собрале на главниот источен пат во Кан Јунис, во обид да дојдат до храна од камионите што се движеле по тој пат.

„Одеднаш нè пуштија да се приближиме и нè натераа сите да се собереме, а потоа почнаа да паѓаат гранати, тенковски гранати“, изјави сведокот Алаа за Ројтерс во болницата Насер, каде што ранетите лежеле на подот и по ходниците поради недостиг од простор.

„Никој не ги гледа овие луѓе со милост. Луѓето умираат, се распарчуваат, за да добијат храна за своите деца. Погледнете ги овие луѓе, сите се распарчени само за да добијат брашно да ги нахранат своите деца“, додава тој.

Палестинските медицински служби известија дека најмалку 59 лица се убиени, а 221 се ранети, од кои најмалку 20 се во критична состојба. Повредените биле транспортирани до болница со цивилни возила, рикши и запрежни коли. Ова е најголемиот број жртви во еден ден откако повторно почна испораката на помош во Газа во мај.

Во соопштение, Израелските одбранбени сили наведоа (ИДФ): „Денес претпладне беше идентификувано собирање на луѓе во близина на камион со хуманитарна помош кој заглавил во областа Кан Јунис, во близина на трупи на ИДФ кои дејствуваат во регионот.

Тие додаваат отио се свесни за извештаите за ранети лица од огнот поради приближувањето на толпата. „Деталите за инцидентот се предмет на истрага. ИДФ жали за секоја штета нанесена на невини лица и презема мерки за минимизирање на таквата штета, додека ја обезбедува безбедноста на нашите трупи“, соопштија од Израелската армија.

Медицински извори наведуваат дека најмалку уште 14 лица се убиени во други напади на израелските сили во густо населената енклава, со што вкупниот број жртви во вторникот достигна најмалку 73.

Според локалните здравствени власти, од крајот на мај досега се убиени 397 Палестинци кои се обидувале да добијат храна, а повеќе од 3.000 се повредени.

Овој инцидент е само последен во низата речиси секојдневни масовни убиства на Палестинци кои се обидуваат да стигнат до помош, откако Израел делумно ја укина целосната блокада на територијата што беше во сила речиси три месеци.

Израел сега поголемиот дел од помошта ја насочува преку новоформирана група поддржана од САД и Израел, Фондацијата за хуманитарна помош во Газа (ГХФ), која управува со неколку пунктови за дистрибуција во области под контрола на израелската војска.

„Инцидентот што е предмет на интерес не се случил на локација на ГХФ, туку во близина на објект на Светската програма за храна на Обединетите нации (ВФП)“, соопшти ГХФ во врска со настанот во вторникот.

Обединетите нации го отфрлаат системот на испорака преку ГХФ како неадекватен, опасен и спротивен на хуманитарните принципи на непристрасност. Израел, пак, тврди дека тој е неопходен за да се спречи пренасочување на помошта од страна на Хамас, што движењето го негира.

Властите во Газа тврдат дека стотици Палестинци биле убиени додека се обидувале да стигнат до пунктови на ГХФ.

ГХФ во соопштение во понеделникот вечерта објави дека дистрибуирале повеќе од три милиони оброци на своите четири локации без инциденти.

Војната во Газа започна во октомври 2023 година, кога милитанти на палестинската Хамас го нападнаа Израел, убивајќи 1.200 лица и земајќи 251 заложник, според израелски извори. Како одговор, израелската воена офанзива во Газа досега убила речиси 55.000 Палестинци, според Министерството за здравство во Газа, притоа раселувајќи речиси целото население од 2,3 милиони и предизвикувајќи хуманитарна криза со глад.

Од минатата недела, Палестинците во Газа внимателно го следат новиот воздушен конфликт меѓу Израел и Иран, кој долго време е еден од главните поддржувачи на Хамас.

Жителите на Газа споделуваат фотографии од оштетени израелски згради поради ирански ракети, а некои велат дека се задоволни што Израелците барем делумно го чувствуваат стравот од воздушни напади што тие го трпат веќе 20 месеци.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press