Трамп побара Ново Мексико да си го промени името во „Нова Америка“

Претседателот Доналд Трамп во понеделникот побара од сојузната држава Њу Мексико (Ново Мексико) да го промени своето име во Нова Америка, што е најнов пример за неговите обиди да менува географски имиња за да одговараат на неговата политичка агенда.

„Њу Мексико треба веднаш да го промени своето име во Нова Америка. Ние не сме Мексико, ние сме Соединетите Американски Држави!“ – напиша Трамп на платформата „Truth Social“, непосредно пред да замине од Белата куќа на митинг во Канзас, во пресрет на изборите во средината на мандатот.

Неговите коментари за Њу Мексико – држава која традиционално гласа за демократите и каде што тој загуби со разлика од 6 процентни поени во 2024 година – доаѓаат во момент кога републиканците се загрижени дали ќе успеат да го задржат мнозинството во Конгресот на изборите во ноември. Истовремено, во анкетите, гласачите наведуваат дека претседателот не посветува доволно внимание на најгорливите проблеми во земјата.
Трамп тврдеше, без притоа да понуди какви било докази, дека промената на името би довела до раст на вредноста на домовите и на приходите. Тој исто така ги повтори своите неосновани тврдења за наместени избори, додавајќи: „Можеби дури и ’нечесните избори‘, по кои е познато Њу Мексико, повторно ќе станат чесни!“

Трамп и претходно предлагал преименување на Њу Мексико, иако не толку наметливо. Во септември, тој на социјалните мрежи објави мапа на оваа сојузна држава, на која зборот „Мексико“ беше прешкртан, а под него беше напишано „Америка“ – слика која беше споделена и од официјалниот профил на Белата куќа на платформата X.

Ова е само најновиот обид на Трамп за промена на имиња. Во август, тој потпиша извршна наредба за преименување на езерото Онтарио во „Езеро Америка“, како дел од неговата тековна трговска војна со Канада. Сличен потег направи и минатата година, кога предложи Мексиканскиот Залив да се преименува во „Американски Залив“. Претседателот, исто така, во неколку наврати предлагаше Ормускиот Теснец да се преименува во „Теснец на Трамп“.

Иако Трамп има овластување да менува имиња на географски обележја, како што се водните површини, во рамките на „Системот за информации за географски имиња“, тој нема уставна можност законски да ги менува имињата на сојузните држави. Таков процес би морал да се одвива внатре во самата држава.

Според податоците на Бирото за индијански прашања за потеклото на имињата на сојузните држави, името Њу Мексико датира уште од 16-тиот век, односно од периодот пред основањето на Соединетите Американски Држави. Гувернерката на Ново Мексико од редовите на Демократската партија, Мишел Лухан Гришам, во понеделникот вечерта ги отфрли коментарите на Трамп.

„Да повторам: Ново Мексико беше Ново Мексико многу пред да постојат Соединетите Држави, и ќе остане Ново Мексико засекогаш“, напиша таа во објава на платформата X.

Сенаторот од Ново Мексико, Бен Реј Лухан, во објава на социјалните мрежи напиша дека името на сојузната држава „носи во себе генерации историја, култура и богати традиции кои продолжуваат да го обликуваат она што сме ние денес“.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе